Иван Настевски игра фудбал во Грција, на интернационалната сцена замина од македонскиот фудбал на 22-годишна возраст, а беше и веројатно сеуште е еден од најголемите таленти кај нас. Моментно игра во грчкиот Етникос, а разочаран од односите што владеат во мак-фудбалот со емотивна порака на својот фејсбук профил, сликовито ја објасни состојабата во нашиот фудбал.
Еве ја изворно пораката на македонскиот Меси, како што го нарекуваат Настевски:
„Не ми е сеедно…гледам таленти големи во нашата земја и кога ќе стигне некое писмо од некоја екипа од странство дека сакаат да го ангажираат одма тука КОЧНИЦА…бараат 100.000 евра 200,300 и така натака… а што вложиле тие во него ниту 100 евра…а не знаат дека неговите родители од својата уста двојат за да му купат копачки од Бит пазар што чинат 1000 денари или се позајмуваат од роднини за да не го разочараат,ако треба да купат 2 леба тие ќе купат 1 леб. Си доаѓа после тренинг уморен целиот со кал, а дома фрижидерот празен нема што да јаде, ги слуша своите родители како зборуваат дека немаат пари за леб да купат, мајка му низ солзи вели: ОД УСТА ЌЕ ДВОИМЕ АЛИ КОПАЧКИ МОРА ДА МУ КУПИМЕ…. но тој…. тоа го слушна се затвори дома….. и не сакаше повеќе да игра фудбал иако имаше Огромен талент……..Дали се свесни тие луѓе што прават со таквите деца?? Дали мирно спијат??“.
Текстот не е лекториран и е пренесен изворно како што е напишан, а во него има многу вистина. Повеќето клубови во Македонија им наплаќаат месечна членарина на фудбалерите во пионерските и младинските погони, а потоа бараат огромни отштети при нивното заминување во странство, или во друг домашен клуб.
Во развиените земји децата се ослободени од плаќање членарина, во развојот на талентите многу се вложува, фудбалерите имаат бесплатна спортска опрема за тренинг, стипендии, а големите таленти се под посебен режим. Само како за пример треба да се напомене Академијата на холандскиот гигант Ајакс, каде од сите страни на светот доаѓаат талентирани фудбалери. Клубот има неверојатно добар скаутинг систем и по препорака на своите агенти ги кани талентите ширум планетата во свои кампови. Трошоците ги плаќа Ајакс со многу едноставна и ефектна девиза. Ако од плејадата млади играчи, кои допатувале на „проба“ во Ајакс, барем двајца-тројца израснат во врвни фудбалери, клубот има огромен ќар од нивната продажба.
Кај нас е сосема спротивна политиката на клубовите. Талентите ретко добиваат стипендии, плаќаат за спортска опрема и членарина, а потоа кога ќе покажат дека се надежни фудбалери за нив клубовите бараат „солена“ отштета. Со малку или никаков влог до големи пари, за жал тоа е погубната политика на грото македонски фудбалски клубови, со чест на мали исклучоци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


