| четврток, 6 декември 2018 |

Муслиманите од Филипини се против насилство и тероризам

Верските лидери од муслиманската религија, на која ѝ припаѓаат над шест милиони жители на Филипините, издадоа упатство според кое во проповедите во џамиите и верските училишта треба да се засилат пораките против насилството и тероризмот.

Апелот е издаден по повод гласините дека група муслимански радикали најавиле формирање исламски калифат на островот Минданао, на кој муслиманите се доминантно население, а каде што политичкото крило на МОРО Исламистичкиот фронт со централните власти на државата издејствува прогласување автономија на јужниот дел на филипинскиот архипелаг.

Филипинските медиуми деновиве јавуваат за редица акции за демонстрација на верската толеранција на Филипините, особено на југот на државата и во главниот град Манила. Првпат, празникот Бајрам на Филипините беше прогласен за неработен ден во целата држава, а најголемите прослави на светиот ден за муслиманите на островите Минданао и Цебу беа организирани во касарните на филипинската армија лоцирани на југот на државата.

Над 90 посто од стомилионското население на Филипините припаѓа на римокатоличката вероисповед, а муслиманското население најмногу е концентрирано во јужниот дел на филипинскиот архипелаг, на границата со Малезија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top