| четврток, 6 декември 2018 |

Американски офталмолог на стручен престој во болницата во Штип

oftalmolog_f5faac9f1e

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска ја посети Штипската клиничка болница по повод стручниот престој на д-р Метју Хамонд, реномиран специјалист офталмолог од САД, кој во текот на наредните месеци ќе работи со лекарите од Очното одделение во Штип, но и во Скопје.

– Треба за еден месец да се изведат 250 интервенции со примена на нов пристап во фако хирургијата на катаракта, што значи дека ќе има можност околу шест лекари да се обучат и да направат некаде околу 40 интервенции секој  од нив. Тоа е одлична бројка за добивање на сериозно искуство за ваков тип на операции. Она што го дискутиравме е дека во краток временски период ќе се направат огромен број на операции, што овозможува едукацијата да биде поквалитетна, рече Тодоров.

Посочи дека Хамонд ќе ги едуцира македонските лекари за нова фако метода и пристап кој досега не го работеле лекарите во Штипската клиничка болница.

Интервенции ќе се вршат под водство на д-р Хамонд, во нив ќе учествуваат офталмолози од Клиничката болница Штип, а ќе се едуцираат и доктори специјалисти од Универзитетската клиника за очни болести во Скопје.

Хемонд истакна дека македонските лекари ќе ги едуцира за нова фако метода која значи помали резови од само 2,2 милиметрa, што придонесува за побрзо зараснување на резот и претставува побезбедна интервенција за пациентите со многу помал астигматизам. Болницата располага и со современа опрема на Очното одделение.

Во рамки на посетата, министерот Тодоров беше информиран и за текот на градбата на бункерот за акцелератор, а воедно го посети одделението каде е сместен ангиографот, при што беше информиран дека во изминатиот период од два месеца се извршени над 200 интервентни процедури.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа кога ќе почне изградбата на новата Клиничка болница, Тодоров нагласи дека наскоро ќе почне тендерот за втората фаза, но оти сите постапки зависат од банката која ги диктира условите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top