„Бела ноќ“, културната манифестација на која бесплатно се отворени вратите на музеите, концертите, изложбите го раздвижи вечерва Скопје.
На повеќе од 10 сцена можеа да се слушнат разни видови музика – хип-хоп, метал, класична музика и хорско пеење. Во кино „Милениум“ е во тек филмскиот маратон каде што гледачите бесплатно може да ги погледнат филмовите.
Со ретроспективна изложба по повод еден век од раѓањето на сликарот и карикатурист Василие Поповиќ-Цицо, основоположник на македонската сценографија, вечерва во галеријата Даут-пашин амам официјално беше отворена десеттата манифестација „Бела ноќ“.
Организатор е Град Скопје и се вклучени културните институции под негова надлежност и национални установи, кои ќе примаат посетители до раните утрински часови. Покрај домашни уметници, ќе има и гости од Јапонија, Велика Британија, Франција, Австрија и од сите балкански земји.
Цела ноќ за посетителите ќе бидат отворени и вратите на Музејот на современа уметност, Галеријата на МКЦ, галериите „Грал“, „3М“, „Арте“, „Галерија 8“, Музеј на Град Скопје, Културно-информативниот центар, Универзална сала…, како и кино „Милениум“ со 24-часовен филмски маратон од 11 часот.
Настаните се бесплатни за посетителите, како и автобусите на ЈСП кои вечерва од 19 часот бесплатно превезуваат кон Центар.
фото: А. Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.