По пријава на локалното население од битолската населба Смилевски Баир каде што на улицата Смилевска била забележана невообичаено голема дупка, денеска увид на самото место изврши екипа на Дирекцијата за заштита и спасување и општина Битола.
Од Дирекцијата за заштита и спасување информираат дека дупката мора да се затрупа за да се спречат несакани проблеми ниту пак некој да се доведе во опасност.
– Според првичните проценки станува збор за отвор, можеби е пештера од Втората светска војна врз која сега е трасирана улица. Дупката мора да се затрупа бидејќи е во населено место и во непосредна близина има куќи. Површински, отворот е широк и долг 4 метри, а длабок 3 метри, но можеби од подземните води отворот би се зголемил и затоа превентивно ќе се дејствува, истакна Димче Јошевски, раководител на Дирекцијата за заштита и спасување, одделение во Битола.
Општина Битола веќе презела мерки и активности за затворање на отворената дупка за да не се случат дополнителни оштетувања на улицата, како и отстранување на потенцијалната опасност или проблеми по локалното население.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.