| четврток, 6 декември 2018 |

Ленин помалку не значи дека Ленин е мртов

Crisis in Ukraine, Lenin statue toppled in Kharkiv

Харковскиот плоштад го крстарев повеќе пати дневно во текот на двасончеви пролетни денови во 2011. Хотелот каде бев сместен се наоѓа во непосредна близина, од десната страна на плоштадот, од левата е влезот во паркот именуван според големиот украински поет Шевченко.

Svet84-Kamcev-2

Борис Камчев

Потребна е воздишка на судбината за попречно да се пречекори едно три фудбалски игралишта огромниот плоштад, велат најголемиот во Европа. Да го изодам по должина не се ни обидов – во неговиот центар е испречен доминантен постамент со исправената фигура на Ленин, 21-метар висок споменик, најголем таков во Украина. И секогаш кога ќе се обидев да го поминам огромното растојание, од некогашниот градски комитет на КПСС до Харковскиот државен универзитет, изградени во советски монументален стил, физички ме спречуваше строгиот лик на Владимир Илич Ленин.

Со рака спуштена во еден ораторски манир и со полуотворена шака, како некој пророк, како модерен шаман, тој со својот телесен гест сеуште ги убедуваше масите за неминовноста на пролетерската револуција. Насекаде, универзално.

Овој Ленин, пред кого тогаш стоев, повеќе го нема. Украинските националисти неделава му ги пресекоја нозете со бор-машина, и во присуство на една екстазирана неколку илјадна толпа, со мачно пречувство на немир и невољи, го урнаа. Многумин потоа се стрчаа да си направат селфи, во сеуште неслегнатата прашина од тресокот на 17-те тони бронза, да земат делче од распарчената и легната фигура, да ја овековечат судбоносната дата на разводот на Харков и источна Украина од своето советско минато. Да бидат дел од историјата.

Мултиплициран до фарса, ликот на Ленин е распространет преку илјадници споменични прикази и во разни форми во Русија, Украина и останатите земји од поранешниот Советски Сојуз. Многу помалку негови споменици се наоѓаат и во Европа.

Статистиката во бившата коминустичка империја била сезнајна. На пример, евидентиран бил бројот на сите машини за шиење, на сите балерини, режисери или, пак, да речеме, на сите улични чистачи. Единствено нешто што, според авторите Иљф и Петров не се знаело, е колку вкупно столици постоеле во огромната земја. Но, имало и уште една сфера што не била под власта на државната статистика – спомениците на Ленин. Големи и мали, седечки и во од, гранитни и бронзени, стотици и илјадници Иличи проникнале во секој агол од бившата заедничка држава. До 1990 никој не знаел колку вкупно ги има.

Денес, интернет страната leninstatues.ru,дојде до фрапантна бројка. Во Украина и во Русија во 1991 постоеле околу 13.000 споменици на Ленин, 5.500  во првата и 6.000 во втората. Во 2014 бројот на спомениците на лидерот на Октомвриската револуција  во Русија останува неизменет, а во Украина е намален до 2.200. Во Белорусија, Казахстан, и земјите од Централна Азија годинава има неколку стотина помалку такви споменици отколку во 1991, или вкупно околу 700.

Зад ове бројки далеку заостанувале ГДР (поранешна Источна Германија која по војната била под советска управа), каде кон крајот на осумдесеттите постоеле 39 споменици на Ленин, но и Унгарија (37 споменици), Чехословачка (25), додека во Бугарија и во Полска имало по 11. Пред колапсот на комунизмот во Европа по два Ленина имале и Албанија, Финска и Норвешка – ете каде била сличноста на нашиот западен сосед со скандинавските земји! Денес, во сите овие земји нема останато повеќе од 25 споменици на Ленин. Интересно е дека Бугарија сеуште чува два Илича. Но и Финска.

Според оваа статистика, денес во Европа, најмногу во Русија, се останати речиси 10.000 (десет илјади) споменици на еден човек од едно друга епоха со други општествени, економски и идеолошки одлики. Овој факт говори многу.

Јас не верувам дека во историјата му била искажувана таква почит на некоја друга личност како што и до денешен ден му се искажува на Ленин. А кој бил всушност тој? Пишувањата за империјализмот, револуцијата и социјализмот настрана, Ленин пред се бил идеолог на теророт. И со терор ги постигнувал своите цели. Неговите визи за некаков утописки комунизам можеби навистина биле примамливи и ги замајувале масите, но такви визии имале и многу други автори и мислители, како Олдос Хаксли на пример, кои за разлика од него не газеле преку стотици илјади трупови за нивна реализација.

Огромниот број на останати споменици кажува дека некои општествени кругови во Русија и во Европа сеуште се водени од манијата, величието и слават култ на личноста на човек кој не штедел никого и ништо за приграбување на власта. Токму поради тоа сите тие илијадници статуи треба да се урнат како онаа во Харков и на нивно место да се изградат фонтани, паркови и места за одмор и рекреација, или да се подигнат обележја на славни композитри, уметници или писатели.

Балтичките земји (Литванија, Латвија и Естонија), кои беа окупирани од Советскиот Сојуз за врема на Втората светска војна, се ослободија од прангите на совокот уште во деведесеттите, кога ја исползуваа економски подредената положба на Русија на меѓународната сцена, и блискоста со Западот на поранешниот руски претседател Борис Јелцин. Оттогаш успееја да демолираат 150 споменици на Ленин. Речиси сите, останати се неколку за во музеи или во приватни колекции. Во овие земји споменици на Ленин на јавни места нема да најдете.

За жал, на Украинците не им успеа она што лесно го направија нивните соседи на север. Соочен со една нова, воено агресивна и економски моќна Русија, која, предводена од ревизионистот Владимир Путин, не почитува меѓународни договори и не се плаши од санкциите на Вашингтон и Брисел, на украинскиот народ ќе му требаат уште многу години ако не и децении да се ослободи од мултиплицираниот лик на Ленин. Лик кој сеуште стоечки, седечки или одечки повикува на некаква апстрактна светска револуција.

Иако поминаа речиси две и пол децении од пропаста на неговиот идеолошки експеримент и речиси цел век од неговата смрт, овој лик сеуште има моќ да ги подведува во политичка проституција владејачките елити кои управуваат со пустината на постоветскиот див капитализам. Годинава забиберен и со воинствен руски национализам.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top