До вакви сознанија дошла Mрежата за деловна поддршка БСН во студијата за апсентизмот, односно проучување на причините за отсуство на вработените од работното место во земјите на регионот.
Според таа студија, најголем проблем за странските компании во земјите на регионот се летните месеци кога вработените земаат лажни боледувања, со цел да се занимаваат со земјоделство и да работат на нивите.
Истражувањето покажува и дека голем проблем во регионот е нереформираниот здравствен систем со висок степен на корупција и недостаток на контрола на лекарите, кои ги одобруваат боледувањата.
Ова е всушност и причината за оваа појава, но исто така и Законот за работни односи, којшто не е доволно реформиран за да се спречи масовната појава на лажни боледувања, особено во Србија, како земја со највисок процент. Се случува лекарите да даваат и боледувања до 30 дена поради несоница, настинка, стомачни тегоби, забоболки и слично.
Некои од податоците на студијата покажуваат дека четвртина од вработените меѓу 16 и 20 пати годишно бараат слободен ден, 17,4 отсто од вработените ефективно работат пет часа, а само 6,6 отсто повеќе од 8 часа, потоа дека 23 отсто од вработените користат пауза подолга од еден час и дека најмногу отсуствуваат од работа вработените постари од 50 години. Зад нив се оние меѓу 35 и 50 години, а најажурни во работата се приправниците.
Најчеста причина поради недоаѓање на работа ја наведуваат болест на детето или одење на лекар, како и приватни административни работи, одење на суд, МВР, општина, селење, смртен случај и слично.
Слични истражувања се правени и во земјите на опкружувањето и таму најмногу отсуствуваат Грците, Бугарите, Хрватите и Унгарците. Во овие земји најголем е т.н. пасивен апсентизам, или кога вработените доаѓаат на работа, работат полно работно време, но не покажуваат заинтересираност и не ја постигнуваат бараната норма.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.