| четврток, 6 декември 2018 |

ДУИ остана без столче во Советот за безбедност

Претседателот Ѓорге Иванов го објави денеска новиот состав на Советот за безбедност, пет месеци по неговиот реизбор на функцијата и повеќе од три месеци по изборот на новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ, пишува „Утрински весник“.  Вториот партнер во извршната власт – ДУИ, која не го признава легитимитетот на Иванов, остана без свој претставник меѓу соработниците на шефот на државата.

Покрај професорот Вели Креци, кој беше и досега во Советот за безбедност, Иванов назначи уште двајца нови членови. Согласно, како што е предвидено, етничкиот состав на населението во државата, Иванов им обезбеди место во Советот и на поранешната пратеничка на ДПА, Флора Кадриу, која едно време премина во редовите на Нова демократија, како и на Насер Сејдини, заменик-началник на Генералштабот на АРМ.

Другите петмина по функција се членови во Советот за безбедност: претседателот на парламентот, Трајко Вељаноски, премиерот Никола Груевски и министрите за одбрана, за надворешни и за внатрешни работи, Зоран Јолевски, Никола Попоски и Гордана Јанкулоска.

Советот за безбедност, чиј статус е уреден со Уставот, разгледува прашањата поврзани со безбедноста и одбраната на државата и дава предлози до парламентот и Владата. Со него претседава шефот на државата, кој е и врховен командант на Армијата.

Веста дека Советот ќе ја одржи конечно првата седница во нов состав дојде неочекувано, а по критиките од политичките посматрачи, откако Иванов, минатата недела – пред Советот за безбедност на ОН, излезе со сериозни тврдења околу безбедносните ризици во регионот, поради растечкиот тероризам во глобални рамки. Најзатечена од потегот на Иванов, се чини, е ДУИ.

Владејачката партија на Албанците се` уште не се огласи со официјален став околу изборот што го направи шефот на државата. Неофицијалните информации, пак, говорат дека во ДУИ се изненадени, бидејќи не очекувале Советот за безбедност да биде конституиран без консултации со нив. И без разговори околу можностите за надминување на јазот што се создаде во извршната власт за време на изборите, прво поради барањето на ДУИ за „консензуален претседателски кандидат“, а потоа и со непризнавањето на легитимитетот на Иванов.

Од раководството на ДУИ изјавуваа претходно дека очекуваат место во Советот на безбедност, како и во сите институции под раководство на шефот на државата. Иако не го признаваат Иванов, интегративците тврдеа, во овој контекст, дека ги признаваат инстутуциите и дека, согласно изборниот резултат, тие добиле легитимитет да ги претставуваат Албанците и да предлагаат свои решенија на сите позиции за кои е предвидено да има Албанец.

Во претходниот мандат на Иванов, до неодамнешните парламентарни и претседателски избори, ДУИ имаше двајца претставници од потесното партиско раководство во Советот за безбедност: Абдулаќим Адеми, актуелниот министер за образование, беше меѓу тројцата „надворешни членови“ што ги именува шефот на државата, а Талат Џафери партиципираше како тогашен министер за одбрана. Влошените релации со Иванов, всушност, беа наведени и како причина зошто ДУИ отстапи од министерското место во одбрана, бидејќи станува збор за позиција која е упатена на директна соработка со претседателот на државата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top