| четврток, 6 декември 2018 |

Низ Битола се вози најстариот пајтон во Македонија

Пајтонот е полн и со историја. Токму на него се возеше и таткото на модерната Турција, Кемал Ататурк, но и многубројните битолски конзули, докторите одеа на визита, побогатите жени на прошетка..., се присетува Димитар Робев

Постарата генерација ќе се сети на песната…„Фијакер стари…“, како еден вид ретроромантика на едно време со поинакви животни и љубовни правила. Денес е актуелно младите брачни двојки да се возат во бесни автомобили, последни фабрички модели, лимузини со шест врати или друго. Има и такви случаи кога невестата и младоженецот со мотоцикл влегуваат на свадбената церемонија. Тренд или кич…тоа времето ќе покаже. Викендов на улиците на Битола повторно беше забележан стариот пајтон ! Млада брачна двојка уживаше во еден прекрасен амбиент. Oдбрале традиција, романтика и сеќавање на едно време, наместо БМВ, „мерцедес“ или некој друг тип возила.  Љубопитни лица застануваа, го гледаа, се одушевуваа, а некои се потсетуваа…

Пајтонот е најраспространето и најстаро превозно средство. Пајтони се увезувале од Виена, но биле правени и во Скопје и во Битола. Пајтоните, обично, ги влечеле два коња, но имало и такви со еден коњ, а биле отворени или затворени во зависност од временските услови. Имало повеќе станици каде што стоеле пајтони што служеле како јавен превоз, но најчесто стоеле на Железничка станица или покрај Драгор за да ги пренесуваат патниците што се качувале или слегувале од возовите што доаѓале во градот.Најстариот пајтон во Македонија е пајтонот на Манди Робев од Битола, сега починат, а пајтонот го наследил неговиот син Димитар Робев, кој, пак, со години живее во Данска.

posledniot-pajtondzija-6

– Татко ми работеше 65 години со пајтонот. Тој го одржуваше со многу љубов и јас продолжив да се грижам за него на ист начин – ни рече Димитар Робев, кој нѐ пречека во семејната куќа во Битола. Димитар и Ленче го пиеја утринското кафе во дворот кога пристигнавме во нивниот дом. Пајтонот, онака накитен од свадбата од претходниот ден, нѐ „чекаше“ во дворот. Димитар со носталгија и гордост се присети на тие времиња кога неговиот татко, Манди, првиот пајтонџија во Битола, рано наутро заминувал на железничката станица за да ги пречека првите патници и да заработи за да го нахрани семејството.

– Со овој пајтон се правеа свадби и сите доаѓаа да гледаат какви коњи има на пајтонот. Скапо беше да се изнајми пајтон.Требаше чифт волови да се продадат за да се направи свадба со пајтон – вели Димитар.

pajtondzija-registracija

Првиот регистриран пајтон во Битола е токму овој. Има табличка со натпис: „Битола 1“.

– Пајтонот тогаш беше такси бидејќи не постоеше такси. Паметам дека во Битола имаше околу 65 пајтони. Татко ми е прв регистриран такси-пајтон во Битола. Со него докторите одеа на визита, побогатите жените одеа на капење, се враќаа од породување од болница, се возеа и за престиж…

Манди го одржувал пајтонот во одлична форма. Секогаш бил во исправна состојба и со него отишол до Солун и до Скопје. А Димитар бил со него до „Св. Наум“, по патот цел со калдрма, како што ни раскажа.

– За татко ми снимаше филм Телевизија Скопје. Се викаше „Последниот пајтонџија“. Сценариото е на Вера Бужаровска, а режијата на Љубе Цветановски. Снимаа овде дома кај нас, во дворот, на пазар, покрај Драгор, кај што стоеја пајтоните. Но, за жал, не го најдов филмот за да го видам – вели Димитар.

Манди Робев по образование бил чев­лар. Но, неговиот татко умрел млад и тој морал да заработува за семејството. Зборувал неколку јазици: француски, еврејски, грчки, турски, албански и влашки јазик. Ја засакал работата и разговарал со коњите секое утро, сѐ до последниот ден.

– Кога остана последен пајтонџија веќе беше стар и го убедивме да ги продаде коњите и да се одмори. Но, набргу мајка ми ни јави дека се парализирал. Тој имаше навика да стане рано наутро, во три часот и прво одеше кај коњите, едниот се викаше Бале, а другиот Олга и со нив си разговараше. Откако ги продаде коњите немаше што да прави, тагуваше по нив и докторот ни препорача да му купиме коњ за побргу да оздрави. Откако купивме коњ закрепна и живееше уште 30 години потоа. Но, ни остави големо богатство. Пајтонот што го наследив од него за мене е најголемото богатство. Јас се возам понекогаш за мерак, внуците кога ќе дојдат од Данска сакаат да се возат и понекогаш го изнајмуваме за свадба – ни раскажа Димитар.

posledniot-pajtondzija-12

Пајтонот на Робеви бил еден од најстарите пајтони, а денес е единствениот останат и е постар од 150 години. Тој е грижливо одржуван и чуван од Манди, а до денеска за него се грижи Димитар Робев, неговиот син, кој го претапетирал, го дотерал вибрирањето….и до ден денес го изнајмува за венчавки.

Пајтонот е полн со историја. Токму на него своевремено се возел и таткото на модерната Турција, Кемал Ататурк, но и многубројните битолски конзули уредно дотерани, униформирани и наредени со секакви светкави еполети и срмени гајтани. Налактени на црвеното кадифе од пајтонот и потпирајќи ги рацете на декорираните бастуни, додека тркалата од пајтонот се тркалале полека по битолската калдрма, во достоинствен став, храбро разговарале и само попатно погледнувале на околината, додека оделе на прошетки кон „Тумбе-кафе”.

А пред еден век во Битола возеле 40 пајтони, кои ги возеле битолчани за специјални пригоди. Во едниот пајтон седеле зетот и невестата, а во другиот чеизот од дифтици, батании, милина, чаршафи за ручање рачно везени. Сите тие парадирале низ Широк сокак, за да видат другите колку дарови со себе носи невестата во новиот дом.
Таков бил адетот…

Но најмногу од сите ги употребувале мераклиите, кои откога ќе испиеле по некоја чашка повеќе ќе ги натовареле со музичари и право кон некој прозорец на некоја убава битолчанка за да ѝ пеат серенади до доцна. Така било некогаш во Битола, а денес е останат само едниот и последниот од сите пајтони, пајтонот на Робеви.

Робеви не дозволуваат романтичното возење со пајтон да замине во историјата. Со него тие ги усреќуваат сите тие што сакаат да бидат побогати за едно доживување: возење со вистински пајтон.

– Кога идниот младоженец ќе нарача пајтон, одиме да изнајмиме коњ, бидејќи сега веќе не одгледуваме коњи. Се сеќавам кога бев дете овде во дворот веднаш до куќата беа сместени коњите со кои татко ми работеше – раскажува Димитар.

– Никогаш не го местеше часовникот за да стане, а стануваше многу рано, а секогаш беше навреме на станица – се присетува Димитар.

Битола е бесценета ризница на материјално и духовно богатство. Градот на конзулите, на музиката и на легендарниот Кемал Ататурк, денес, како и низ историјата во манир на космополитското џентлменство на епохите, нескриено го истакнува својот шарм на цивилизациски конгломерат на културни влијанија и процеси, развивани низ широките сокаци на историјата. Во Битола тенисот како спорт за првпат бил заигран од страна на англиските офицери во далечната 1899 година, една година по одигрувањето на првиот турнир во Вимблдон, а првиот тениски клуб бил изграден во 1935 година. Во Битола пред 90 години се играл шах со живи фигури. Луѓе облечени во карневалска облека биле фигури, а велемајстори биле професорот Адолф Партипан, по потекло Чех, и Чопи, офицер во српската војска. Шаховската табла била близу касарната, а секое поле било метар на метар. Браќата Mанаки сето ова го документирале на оригинални фотографии.

– Битола е најубавиот град, градот на конзулите, клавирите, пајтоните, песната, меракот, љубовта, серенадите. Најопеаниот град, најградскиот… градот под Пелистер, градот на Филип… градот со Хераклеја, Тумбе кафе и Широк сокак, градот со најголемите кабадаи, најзгодните чупиња и на најдотераните дами. Градот на најголемите мајстори за бељот и на најголемите боеми – велат битолчани кога ќе ги прашате што претставува за нив Битола и зошто се толку горди на неа. Градот е познат под името град на конзулите бидејќи тука отсекогаш имало голем број конзуларни претставништва, а и денеска овде се сместени дел од конзулатите во Република Македонија. Во минатото Битола била културен и образовен центар. Овде своето образование го стекнал и таткото на Турција, Кемал Ататурк.

– Ова е град во кој пладнето се лее низ воздухот со звуците на „Битола мој роден крај“, која одѕвонува од градскиот саат и ги полни срцата на битолчани. Има еден град во кој љубовта извира од секој негов камен, од секој агол, секоја уличка. Градот што ги има своите Ромео и Јулија, но не измислени ликови, туку вистински, реални, историски и автентични. Љубовта на Кемал Ататурк со битолчанката Елени Каринте сѐ уште се прераскажува. Балконот на љубовта сѐ уште е гордо исправен над Широк сокак – ни рече една битолчанка.

И денес Битола живее со полни гради. И денес се почитува традицијата, културата, се пие кафе на Широк сокак, и денес низ Битола се вози најстариот пајтон во Македонија.

 

(Пишува: Невена Поповска | Фото: Ѓорѓи Личовски
Текст објавен во 107. број на неделникот „Република“, 19.09.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top