Српските власти, нормално, и натаму ќе се вадат на секуларноста на државата. Секако, Србија не е Ватикан каде што имаме единствен спој на духовната и на световната власт, ниту, пак, некоја од муслиманските земји каде што ајатолахот е верски и световен лидер, но како и да е, двете максимални спротивставености на ставовите, едноставно, бодат очи.
Речиси истовремено кога српскиот шеф на дипломатијата, во препознатливиот, класичен стил на Белград, го искористи Скопје, како дел од поранешните југословенски провинции, да упати силна и недвосмислена порака до Западот дека нивниот третман на исламските радикали не соодветствува со реалноста на огромниот ризик што го носат со себе, неговата матична црква го стави на „предавнички“ стол нашиот архиепископ г.г. Стефан. Или, можеби, посетата на Дачиќ имаше улога во ублажувањето на глупоста на Иринеј?
Од една страна, зборуваме за два народа со една, иста православна вера, кои немаат апсолутно никаков проблем на државно ниво и кои, напротив, по сите премрежиња поврзани со распадот на Југославија, останаа без никаква дамка во меѓусебните односи. Другата страна е поврзана со истата таа вера и, во најмала рака кажано, неразумниот однос и дејствување на Српската православна црква, која веќе со децении го запира моментот на добивањето на формалната автокефалност на Македонската православна црква, реално добиена и заслужена пред многу децении.
На целата прикаска, радикално наметната од СПЦ и од плејадата истомисленици на Иринеј во истата псевдоцрковна организација, ѝ се спротивставува и македонската реакција на неодамнешните поплави во соседната земја, кога српскиот народ ги оквалификува Македонците како братска нација, која секогаш, особено во најтешките моменти, е тука за нив.
Но тоа, за жал, е реалноста. Другата, фингирана и извртена реалност ја формираат челниците на СПЦ. Иако верата треба, барем по сите канони и правила, и световни и духовни, да обединува и облагородува, очигледно, тоа не важи кај истомислениците и приврзаниците на Иринеј Бачки. Дачиќ, во името на српската Влада, повика на борба со исламскиот радикализам, а требаше ли да побара и расчистување со радикалите во православието?
Исламистите бараат калифат, а православните црковни лица водат братоубиствена војна
Во Скопје српскиот шеф на дипломатијата повика на заедничка борба на Македонија и на Србија со радикалниот ислам, истовремено барајќи силна поддршка на меѓународната заедница за овој чин, со јавно жигосување на истиот тој фактор за толеранцијата на ваквите дејствувања на Балканот. Дваесетина дена претходно, СПЦ најави тужба за архиепископот г.г. Стефан?! Имаме одлична соработка на меѓудржавно ниво, но и есенцијален проблем токму на црковно, т.е. религиско ниво. Од една страна, треба заедно да се бориме со реалниот проблем, исламистите, а, од друга, стои иреалниот, но главен проблем за признавањето на МПЦ, токму од црквата во соседната држава. Македонските познавачи на состојбите, кои со години го следат спорот меѓу МПЦ и СПЦ и неговиот одраз врз световните односи, се согласуваат дека основата на проблемот е во верскиот радикализам и национализам на СПЦ. Новинарот Бранко Горѓевски вели дека сега радикалите од СПЦ на јавноста ќе ѝ понудат јавна егзекуција на македонскиот архиепископ, многу слична на исламските радикали, кои тоа го прават пред камера, со вистински ножеви.
Ѓорѓевски: Не ме зачудува заложбата на српскиот премиер. Меѓународната заедница сега се мобилизира против исламскиот радикализам и вклучувањето во тој фронт ќе донесе поени за секоја политичка гарнитура. Дачиќ, со својот препознатлив рефлекс, тоа го форсира со истовремена критики на меѓународната заедница за толерирањето на радикалниот ислам и со тоа треба да добие симпатии во јавноста. Во една таква офанзива не се наоѓа место за коментар за радикалниот потег што СПЦ го презеде со извесното расчинување на македонскиот архиепископ Стефан. Не кажува ништо бидејќи овој потег што го планира српската црква, навистина, ќе биде без преседан и тој како премиер нема што да каже. Доколку се огради од него ќе ги наруши односите со СПЦ, а тие, колку што можам да видам, се идилични кога е во прашање соработката меѓу српската држава и црква.
Ѓорѓевски не вели дека српскиот државен врв бил консултиран за судењето, но и таа мисла не му е далеку. Тој има впечаток дека српските државници сега малку се „дистанцирале“ од меѓуцрковниот спор бидејќи увиделе дека не може да се направи никаков чекор поради ултиматумот на СПЦ за ослободувањето на Вранишкоски. Веројатно, вели тој, слично убедување, дека не може нешто да се помести, има и во наши редови, па поради тоа македонско-српско црковен проблем се става на страна.
Ѓорѓевски: Имаме една ситуација на мирување, која само навидум е помирна. Иако односите меѓу државите се добри, црковниот проблем веќе со децении е точка поради која постои голем степен на нервоза, посебно на македонската страна. Историјата многу кажува какви биле позициите на СПЦ во однос на Македонија, кон македонскиот народ, и сѐ додека не биде решен тој проблем никој тука нема да биде убеден дека се отстранети сите опасности и незивесности по Македонија. За тој проблем решението не се ни наѕира и сега ќе се дојде во апсурдна ситуација да се бориме против исламскиот радикализам, а православниот ќе си тлее и ќе се подгрева со вакви српски потези.
Сега сѐ ѝ е оставено на СПЦ, која посегна по „обезглавувањето“ на архиепископот и на МПЦ, слика што ќе ни ја нуди наредните месеци преку „јавната егзекуција“ во рамките на некакво судење. Радикалите од СПЦ (посебно епископот Иринеј Бачки и митрополит Амфилохие) не употребуваат ножеви и не сечат глави пред камери, но поента е иста – се сака страв и премислувањата во македонските црковни редови откако ќе му се „пресече“ главата на архиепископот.
И новинарот Марјан Николовски, кој, исто така, со години ги следи констелациите меѓу МПЦ и СПЦ, вели дека црквата на северниот сосед живее во посебен свет, кој, за среќа, нема одраз врз државната политика на Србија. Очекува и препорачува поголемо вклучување на сите балкански земји во борбата со радикалниот ислам.
Николовски: Едно се желбите на политичарите, а сосема друго е волјата на владиците. Но, јас не би ги поврзувал овие две релации, македонско-српската иницијатива за искоренување на радикалниот ислам од една страна и од друга деценискиот спор МПЦ-СПЦ. Едноставно, тоа се две состојби што имаат различни елементи и кои немаат допирни точки. Иницијативата за соработка меѓу Македонија и Србија е од политичко-државни интереси, нешто што е обврска на секој политичар и тоа е добро. Проблемот СПЦ-МПЦ е од националистичка природа, мотивирана од безразумноста и од отсуството на поимање за реалноста кај некои владици во СПЦ и тоа не е добро.
Тоа што е добро е што јас не гледам дека влијанието на овие српски владици има одраз врз државната политика што ја спроведува актуелната власт во Србија и тоа е за поздравување. Српската православна црква живее во свој свет. Тој свет за одделни владици е сон за национални претензии. Нешто што одамна, барем така јас мислам, не е веќе државна политика на официјален Белград. Од тој сон не верувам дека, во овој земски живот, некои од првоерарсите на СПЦ ќе се разбудат.
Што се однесува до борбата против радикалните исламисти, Николовски смета дека таа мора да се интензивира на секое поле, но не само на релацијата Србија-Македонија. Според него, од суштинско значење за успех на таа борба е координираноста и заедничка акција на сите земји од регионот.
Николовски: Таа борба против радикалните исламисти не смее да предизвика сомнеж, недоверба, или, пак, какви било нови конфликти на Балканот. Балканот е национално чувствително подрачје, а превенирање на опасноста од радикалниот ислам е национално прашање за државите од овој регион. За сите. Во таа борба Македонија и Србија мораат да ги вклучат и Грција, Црна Гора, Албанија, Босна, Косово и Бугарија. Учество на Хрватска, исто така, е добредојдено. Напливот на радикални фундаменталисти треба да биде сериозен сигнал дека овие држави мора да ја променат политиката и од парцијални сојузи, да влезат во еден глобален сојуз против најсериозниот предизвик за иднината на Балканот.
И Ѓорѓевски и Николовски се апсолутни песимисти во однос на изнаоѓањето какво и да е решение во спорот меѓу МПЦ и СПЦ. Последниот чин на Иринеј и неговиот Синод со небулозното судење за божемно и бесмислено „расколништво“ на македонскиот архиепископ г.г. Стефан, очигледно, целосно ја закопа оваа шанса и ја стави на листата на невозможни мисии, барем во оваа српска црковна констелација.
Ѓорѓевски: Чинот на „обезглавувањето“ на МПЦ е дел од прилично валкана стратегија, која СПЦ се реши да ја игра против МПЦ откако беше создаден Јован Вранишкоски. Неговото приклучување кон СПЦ значеше дека српската црква се определи да ги активира сите сценарија против МПЦ. Ова сценарио го игра веќе десетина години и знаеме до што доведе. Вранишкоски е во затвор, неговата ПОА не привлече ниту верници ниту свештенство и сега им е само желбата да го ослободат за да покажат дека не го жртвувале како марионета. И најавеното судење е само дел од продолжувањето на таквите сценарија, чијашто крајна цел е МПЦ да се стави под контрола на СПЦ. Поради тоа јас сум краен песимист дека во блиска иднина е можно какво и да е доближување до некаков решение на спорот.
Тој вели дека, можеби, би можеле да се случат некои поместувања доколку се најде решение за проблемот со името во спорот со Грција, но со оглед на тоа што ни се предлага и тука е песимист дека е можно некакво поместување. Според Ѓорѓевски, проблемот со МПЦ е длабоко всаден во проблемот со признавањето на македонскиот идентитет од страна на нашите соседи, а тоа е и суштината на сите проблеми за кои се водат сите игри и сценарија.
Ѓорѓевски: Поради тоа, мене не ме плаши претстојното „судење“ и „обезглавување“ на архиепископот Стефан. Низ историјата биле донесувани најразлични црковни одлуки, кои потоа се повлекувале. Се повлекувале и анатемите, па зошто да не се повлече една одлука за расчинување од страна на СПЦ доколку се постигне некакво задоволително решение. Проблемот е само што, како во однос на името на државата, така и во однос на името и статусот на нашата црква, ние и тие што нѐ оспоруваат сѐ уште сме на далечни позиции од кои тешко можеме да се доближиме.
Николовски: За разлика од некои луѓе, кои себеси се сметаат за оптимисти и кои веруваат во моментот дека само што не се решил проблемот, ама за тоа треба МПЦ да покаже кооперативност, јас сум од тие што за себе сметаат дека се реалисти. на подолг рок нема да има решение на спорот меѓу МПЦ и СПЦ. Причината е едноставна, кај голем дел од српските владици нема ниту подготвеност, ниту, пак, христијанска љубов за да се откажат од идејата дека духовното единство на овој народ со православниот свет треба да биде преку „белата пана“ во Белград.
Одлуката на Иринеј Буловиќ да иницира постапка за расчинување на архиепископот Стефан е токму во таа насока, смета Николовски, кој воедно гледа мотивираност и во нивната намера да се обезглави МПЦ.
Николовски: Тоа значи во моментот, ако некогаш се најде решение за спорот, г.г Стефан не би можел да биде поглавар. Односно, ќе мора да се избира нов поглавар, а неговиот избор, според желбата на Буловиќ, треба да го благослови патријархот во Белград. За жал, македонското црковно прашање, како што се чини, ќе се решава на глобално ниво. Како договор меѓу православните цркви, но не наскоро. Тоа решение секако ќе значи посебност на МПЦ, но како и во која форма, под кои услови, тешко е да се одговори сега.
„Аналитика“ за реалноста на проблемот со исламистите
И додека Македонија и Србија, како и целиот Балкан, се обидуваат да се соочат со вистинскиот проблем оформен во исламистите, СПЦ и натаму ја расипува работата. За реалната опасност говори и најновото истражувањето на организацијата „Аналитика“ на Андреја Богдановски, кое изнесува податоци за тоа кој, како и каде ги врбува радикалите, но, можеби и поважно, и за нивното влијание врз општеството по враќањето дома на овие „кучиња на војната“.
Таму се наведува дека тие што се борат во исламистичките војни можат да се сметаат за безбедносен ризик од неколку причини. Многу е веројатно дека имаат преживеано психолошка траума поврзана со воените активности што укaжува на потребата за програми за рехабилитација и за реинтеграција по нивното враќање, но повратниците можат да дејствуваат и како силен медиум за регрутација на други, кои се заинтересирани за вклучување во војна. Тие имаат добиено напредни боречки и терористички вештини, а дел од нив се враќаат и со различни екстремистички идеологии. Исто така, можеби и најважно,тие можат да дејствуваат самостојно, без потреба од вклучување во поголеми терористички мрежи и ќелии.
Според „Аналитика“, сите земји од регионот се вклучени во соочување со предизвиците што доаѓаат со странските борци, а особено со тие од Сирија. Заеднички е и изборот на моделот на криминализација како на регрутирањето, така и на учеството во туѓи воени конфликти. Иако се однесува на исто прашање, правната рамка, кога станува збор за казнување и за должина на затворските казни, варира од земја до земја. На пример, македонскиот кривичен законик пропишува најмалку четири до пет години затворска казна, додека тој на Босна и Херцеговина е меѓу една и 10 години. Во случајот со Албанија, тие доброволци што учествуваат во вакви воени конфликти се соочуваат со казна затвор во времетраење до 10 години. Косовците се најригорозни со казни од 15 години затвор.
Интересна анализа, велат од „Аналитика“, може да се направи и според степенот на посветеност по прашањето за соочување со повратниците и со тие што регрутираат на регионално ниво. Албанија и Косово се посочуваат како „шампиони“, нивните полиции, јавни обвинителства, а и разузнавачките служби иницираа многу бројни акции против групи што беа посочени дека регрутираат Албанци и Косовци за борби во Сирија.
Постојат многубројни примери за превентивни активности и програми за реинтеграции во земјите од ЕУ, но, за жал, ниту една во нашиoт регион. Причина за ваквата ситуација може да се најде во традиционално затворениот безбедносен сектор, особено кон граѓанското општество, немањето финансиски средства, но, исто така, и слабиот капацитет на граѓанскиот сектор во однос на ова прашање. Во заклучоците на истражувањето, „Аналитика“ се повикува на потреба од програми што уште повеќе би ја зголемиле вербата во полицијата. Тука Македонија може да се потпре на искуствата од моделот на вклучување на полицијата и на заедницата (community policing), кој е со мултикултурен карактер. Меѓународните партнери, пак, може да помогнат во пренесување искуства и првична финансиска поддршка за развој и за спроведување на овие програми.
(Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 107. број на неделникот „Република“, 19.09.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.