
Шармот на старите калдрмисани улички и на старите излупени фасади во Лисабон привлекуваат сè повеќе европски туристи, кои бараат автентичност. Само од овој проток на посетители, дошла инспирација за треска на проекти за хотели, а тоа го крие ризикот да го смени обликот на градот.
Околу 1,5 милион странски туристи ја посетиле португалската престолнина во првите шест месеци на 2014 година, а тоа е за 14,3 проценти повеќе отколку една година претходно. Најголем пораст има кај француските туристи (за 27,6 проценти), британските (+27,3 проценти), шпанските (+15 проценти) и германските (+13,9 проценти).
– Директно им конкурираме на Мадрид, Барселона, Виена, Амстердам и на Берлин. Лисабон стана полеснодостапен со новите врски што беа отворени ова лето од авиокомпаниите – коментира Виктор Коша, генерален директор на Асоцијацијата за туризам на Лисабон.
Проектите со хотели со четири и со пет ѕвездички изобилуваат, центрите за сместување на младите (хостели) ги отвораат вратите во овие стари места, старите згради се реставрираат, се бојадисуваат витрините во бутиците… сè се прави за да може туристот да биде пречекан подбро .
Продавниците А вида портогеза, кои јаваат на бранот на ретрото, ќаруваат од овој туристички бум. „Повеќе од 70 проценти од клиентите ни се странци, од почетокот на годината приходите пораснаа за 10 проценти“, посочува како доказ за динамиката 45-годишната сопственичка Катарина Порташ.
– Туризмот е двигател на економијата на градот и не спасува од кризата. Само не е добро да ја убиваме кокошката што несе златни јајца, па малите градски продавнички треба да бидат зачувани. Лисабон се карактеризира со својата автентичност – предупредува Порташ.
Патување низ времето
Времето изгледа како да сопрело во Барбеарија кампос, во квартот Шаиду. Тоа е кафеаната, која уште од 1886 година ја посетуваат артисти, уметници, политичари, па дури и членови на кралските семејства. Денес најголем дел од клиентелата на најстарата кафеана во Европа се туристи.
Удо Вилжевски, 53-годишен социјален работник од Аахен (во заапдниот дел од Германија) ја испитува понудата од многу внимателно избраната храна. Тој седи на стол од тоа време, а сопругата го снима со камера. „Би било срамно ако оваа кафеана исчезне, таа е дел од наследството на Португалија“, вели тој.
И покрај тоа, сопственикот на зградата, која е постара од сто години, ѝ дала рок на кафеаната до 15 декември да се исели и да плати оштета, или пак да земе голем кредит, затоа што плановите се на нејзино место да бидат изградени луксузни станови.
Новиот закон, кој е во сила од 2012 година, во суштина на наемниците им наложува да се иселат од користените имоти за да се реставрираат старите објекти. Ова е крај на ниските наеми, кои биле замрзнати уште од 1948 година од страна на диктаторот Салазар.
– Се надеваме дека ќе се договориме со компримисна варијанта, која ќе ни овозмжи да останеме – вели Жосе Лопеш, кој е оженет за една од сопственичките на кафеаната.
– Не би имало никаква смисла сè да се урне и однови да се изгради. Се согласувам да се зачуваат историските фасади, кои го прават шармот на Лисабон – тврди Луиш Боргиш даш Невиш, директор на агенцијата за недвижен имот „Фајн енд Каунтри“. Агенцијата се наоѓа во сосдеството на кафеаната и веќе објавила продажба на идните апартмани.
Друго култно место во Лисабон, чијашто историја почнала уште во 1890 година, е минијатурниот бар „Џинџиња Сем Ривал“, каде што на туристите и на локалните луѓе им се служат прочуените ликери од вишни (џинџињи). Ова лето, под закана од затворање, барот меѓу чиишто клинети се и Џорџ Клуни и Бред Пит, зел голем кредит.
– Сопственикот, кој е руски инвеститор, сака да ја обнови зградата за да ја претвори во хотел. На крајот ќе можеме да останеме уште седум години поради големите покачувања на наемнините. А потоа ќе видиме – раскажува Нуно Гонсалвиш, 41-годишниот правнук на основачот на барот.
– Со овие нови закони сме исправени пред опасноста историското наследство на Лисабон да биде уништено. И овој пат причината за тоа нема да биде земјотрес – вознемирен е Гонсалвиш, потсетувајќи на земјотресот кој во 1775 година ја опустошил португалската престолнина.
Марсин Мај, млад полски турист, тргнува за Варшава со шише џинџињи во рака. „За мене ова е традиционалниот Лисабон. Овој бар во никој случај не смее да биде затворен!“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


