| четврток, 6 декември 2018 |

Вистината за „американскиот сон“

уса

Иако статистиката зборува дека е се поголем бројот на оние кои заминуваат од државава, а повеќето кои се се уште тука сонуваат да заминат и да си ја пробаат среќата на некое друго место, најчесто во САД, и се уште фантазираат за американскиот сон, еден наш сонародник, кој го сторил тоа пред три години, специјално за МИА, раскажа една сосема поинаква и не толку блескава приказна за животот од онаа страна на океанот. Можеби сето ова ќе ви звучи прилично неверојатно и поинакво од се што сте слушнале или прочитале досега на оваа тема, ама тоа е вистинската приказна на мојот пријател преку големата бара.

– Знам дека многумина ќе мислат дека сум можеби премногу размазен и дека ќе им бидам чуден поради ова што ќе го кажам, а најмногу затоа што и покрај се и натаму сум тука, во Америка, сонот на многу наши луѓе, па затоа веднаш ќе кажам: не сум размазен, а уште помалку сум мрзлив. Останувам тука уште некое време со надеж дека наскоро ќе можам да си дојдам дома и да го вратам сето она што го вложив кога тргнав во потрага по мојот „американски сон“.

Само сакам да ви објаснам дека животот во оваа земја е далеку од она што го гледаме во американските филмови, а приказните на нашите гастарбајтери кои „одлично се снашле и преубаво живеат тука“, за жал, се само празни приказни, вели нашинецот во САД.

Месечна заработувачка и животни трошоци

За почеток, можам да ви кажам дека одлично се снајдов во споредба со други наши луѓе, ама сепак е претешко…ова тука е далеку од она што сите ние во нашата Македонија си го замислуваме под поимот „американски сон“.

Еве, ќе се потрудам да ви објаснам и да го урнам конечно „дримот за Америка“. Вака. Само 10 проценти од Американците заработуваат над 10.000 долари месечно, а тоа е смешна сума за овде. Значи, сите други се со заработувачка која е под таа сума. Во просек, жените заработуваат по 2.000 долари месечно зашто се физички послаби од мажите, па мажите секогаш добиваат повеќе пари со оглед на тоа што можат да работат потешки физички работи кои се многу подобро платени.

Нашите Македонци, на пример, најчесто се нафаќаат да работат на азбест за што добиваат од 25 до 30 долари на час. Тоа значи дека го чистат азбестот од објекти, работат во специјални одела зашто, нели, станува збор за опасна материја, па три месеци работат, три месеци паузираат. Најчесто, кого и да прашаш од нашиве луѓе тука, го работат токму тоа или пак се работници на градилишта, во градежништвото. Се разбира, чест за исклучоци кои многу добро го знаат јазикот и имаат соодветен факултет од типот на градежни инженери, доктори или електро и машински инженери, се останато со диплома од Македонија може веднаш да си ја фрли во канта за ѓубре.

На пример, економистите се многу слабо платени па дури и да се на позиција во некоја банка, заработуваат до 3 илјади долари месечно, а на шалтер многу малку – до 1.200 долари. Патем, за ова и не треба диплома, туку можете да се вработите и со средно училиште и да се докажете бидејќи тука се рангираат луѓето сосема спротивно отколку кај нас. Тука се гледа способноста, трудољубивоста и успешноста на лице место, а не како кај нас, дипломата под рака и клати нозе во канцеларија до пензија. Тука нема седење никаде, ниту во банка, ниту во канцеларии, ниту пак во продавници, секаде се стои, секаде на готовс да се даде некоја услуга за која си платен. Како и да е, според тоа колку најчесто заработуваат мажите, а колку жените, едно добростоечко семејство заработува во просек до 6.000 или 7.000 долари месечно.

Кирија, пак, и тоа во никаков стан, со две спални, чини најмалку 1.500 долари. Додадете на тоа 200 долари за струја, плус интернет, телефони и останати давачки, приближно уште 300 долари. Потоа е на ред автомобилот. А секој мора да вози автомобил затоа што едноставно таков е начинот на живот. Секој автомобил купен на рати (а никој не дава кеш за кола), чини околу 250 долари месечно и плус осигурување кое е задолжително (бидејќи во спротивно, кога ќе те застане полиција, одиш во затвор и плус плаќаш казна) и би било месечно некаде околу 200-300 долари што значи најмалку помножено по два (секое просечно семејство има најмалку два автомобила).

И да не заборавам, од чекот со платата што ја примате секоја недела ви задржуваат најмалку 15 проценти данок, па ако заработувате, на пример, 2.000 долари месечно, од тоа веднаш ви скратуваат 300 долари за данок. Ако земате поголема плата, ќе ви задржат и поголем процент, па дури и до 40 отсто од платата.

Целата сторија може да ја прочитате тука.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top