| четврток, 6 декември 2018 |

Немојте да ги карате своите деца!

карање

Едни од најпознатите методи за справување со непослушноста на детето е викањето, карањето, или во краен случај ќотекот. Секој од овие методи има различен ефект кај детето; кај едни се постигнува саканата цел и детето учи да биде послушно, а кај други ваквиот начин на однесување на родителот предизвикува сосема спротивни ефекти.

Зошто не треба?

Одговорот на ова прашање е поврзан со современата психологија. Имено, голем број истражувања направени на млади луѓе во период на адолесценција покажуваат дека младите кои биле критикувани како деца или доживеале заканувачко однесување од своите родители се посклони кон анксиозност и депресија. Дури и ако едниот родител покажува многу љубов и поврзаност со детето, отсуството на овие карактеристики кај другиот родител има потенцијални штетни последици по менталното здравје на детето.Вербалната агресивност од страна на родителот, без оглед на намерата и целта, претставува основа за нарушување на личноста на детето што се отсликува во неговата поврзаност со околината, во неговата способност да формира здрави врски и во неговата општа ментална благосостојба. Родителот, од самото раѓање на детето станува најважната личност во неговиот живот. Станува личност на која детето се огледува, ги формира своите однесувања и верувања и учи што е правилно, а што не. Дури и ако родителот е истовремено и строг и наклонет кон детето, тоа сепак може да има негативни последици.

Децата треба да научат да ви веруваат од мали нозе

Доколку кон нив се поставите како вечен критичар ќе им вгнездите чувство на безвредност и ниска самодоверба, кои подоцна во животот тешко се искоренуваат. Викањето, постојаното карање и критикување на детето се можеби начин да се справите со непослушноста еднаш или двапати, но доколку тоа премине во единствен начин на решавање на проблемите, детето со тек на време здобива извртена слика за самото себе. Тоа повлекува создавање на чувство на екстремна недоверба спрема луѓето, бидејќи ако детето не може да му верува на сопствениот родител, нема да може да верува никому.

Децата треба да чувствуваат дека можат да сметаат на вас

Бидете емоционално достапни за вашето дете. Играјте си со него, слушајте го дури и кога мислите дека немате сила, посветете му внимание, а доколку е непослушно, пронајдете начин кој не вклучува вербална или физичка сила за да го научите што е правилно.

Не постои вистинска дефиниција за тоа што значи да се биде добар родител, но постојат нешта со кои родителите, сакајќи да постигнат една цел, влијаат на кревкиот детски ум и посигнуваат сосема друга.

Вие сте најголемиот учител на вашето дете. Научете го да се сака и почитува и себеси и другите луѓе за да порасне во здрава и среќна личност.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top