Поранешниот олигарх и противник на Кремљ Михаил Ходорковски отворено ги изјави своите политички амбиции, објави дека е подготвен да ја води Русија во време на криза, ако биде повикан, соопштува АФП.
Преку јавно искажаната подготвеност да ја преземе највисоката позиција во земјата,некогаш најбогатиот човек во Русија го наруши ветувањето да не се занимава со политика.
Михаил Ходорковски помина 10 години во затвор и во декември беше помилуван од претседателот Владимир Путин.
-Јас не би бил заинтересиран од идејата да станам претседател во момент кога земјата се развива нормално”, вели тој во интервју за француското издание “Ле Монд”. “Но, ако се појави потреба да се надмине кризата и да се извршат уставни реформи, суштината на кои е да се прераспределат претседателските овластувања во корист на судството, парламентот и граѓанското општество, јас сум подготвен да го преземам овој дел од задачата – вели уште Ходорковски.
51-годишниот Михаил Ходорковски најави зајакнување на новото движење “Отворена Русија”. Според него целта е да обединат проевропски настроените Руси.
Ходорковски и неговите сојузници изјавија дека политичката промена може да дојде брзо. Тие инсистираа на тоа дека е дојдено време да се размислува за иднината на Русија по Путин.
По неговото ослободување од затвор Михаил Ходорковски живее во егзил во Швајцарија и не се враќа во својата земја.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.