| четврток, 6 декември 2018 |

Крушево е град-музеј

Ова е единственото поголемо населено место каде што во голем дел е зачувана старата градска архитектура. Не случајно во 1927 година Крушево го посетил славниот француски архитект Корбизје, кој се восхитувал од крушевската архитектура и истовремено бил и инспириран од крушевската куќа во своето натамошно творештво

Највисокото гратче на Балканскиот Полуостров, Крушево, се наоѓа токму во Македонија, во лулката на Баба Планина, на надморска висина од 1.350 метри. Уште кога ќе се искачат првите свијоци од последните километри пред градот, почнува пријатното чувство на изненадување што посетителот го очекува како тајна зад зелените или снежни врвови. А кога ќе се поминат последните чекори од патот, градот се отвора и тогаш впечатливо ќе се потврди чувството што се носи преку целиот пат. При влезот од која и да е страна на градот има нешто како во сказните: во изгледот на градот, во неговата архитектура, изгрејсонцата, залезите во коријата, тој зелен здив на градот, во една игра на перспективата, која уште почудесно се прекршува во кристалот на планинското небо.

Градот е обиколен од три страни со букови и борови шуми и е најстар град во Македонија. Податоците велат дека Крушево се споменува уште од 1467 година, кога му било дадено на спахијата Хусеин-бег, заедно со Прилеп и со 30 други места. Кон крајот на 18 век се доселиле Власи од околината на Корча и Мијаци од Мала Река. Тие биле трговци, мајстори, резбари и зографи. Од нив останала убавата црква „Св. Никола“ од 1832 година, која била запалена по Илинденското востание и тогаш изгорел најубавиот иконостас во длаборез, дело на Петре Филиповски – Гарката. Близу до црквата, во самата куќа на уметникот, се наоѓа и галеријата на Никола Мартиновски. Таму е најголемата збирка творби од неколку периоди од неговото творештво. Во Крушево се наоѓа и Музејот на Илинденското востание и на Крушевската Република – Споменикот Илинден откриен на 2 август 1974 година, чијшто автор е Јордан Грабуловски, кој го замислил како симбол на непокорот и на стремежот на македонскиот народ за слобода. Внатрешноста импресионира со погледот на сите четири страни од кои се гледаат : Слива, Мечкин Камен и Пелагонија како и со витражите и релјефите, кои ја симболизираат желбата за слобода.

Reportaza106-2

Прозорците на амфитеатрално поставените куќи од двете страни на градот и коријата околу него го мамат погледот на посетителот што се искачил на овие височини. Погледот на посетителот се задржува на начичканите куќи, на нивната богата архитектура, која зборува тогаш кога молчат песните и легендите. Од едноставен градежен материјал, старите крушевски ѕидари изградиле една хармонична композиција, еден мозаик од архитектонски елементи и живи бои. Архитектурата на крушевската куќа значително и во многу елементи се разликува од таа во другите македонски градови. Фасади обоени со бело-сина или жолто-бела боја, со многу прозорци, издадени балкони, пространи чардаци, мусандри, поплочени тремови и тешки дрвени порти. Тие куќи со својата местоположба и можностите создаваат еден вид нова карактеристична архитектура.

Reportaza106-3

Црква „Св. Никола“ била запалена по Илинденското востание и тогаш изгорел најубавиот иконостас во длаборез, дело на Петре Филиповски – Гарката

 

Комбинацијата на двата народа, македонски и влашки, турското и европското влијание го создаваат нејзиното височество – крушевската куќа!

Крушевските куќи се вистински архитектонски ремек‐дела. Велат, прочуениот Ле Корбизје кога дошол во Крушево во 1927 година бил трогнат од убавината на елегантната линија и на украсните детали на фасадите. Речиси сите сè уште ги носат семејните грбови на предната фасада, а внатрешноста е украсена со мебел и со украсни детали од дрво и од резба, како и насликани ѕидови, каде што доминира сината боја, комбинација на сеќавањата на старата татковина и на градителската и на зографската вештина на Мијаците.

Reportaza106-5

Ако нешто треба да се почувс­т­ву­ва и види – тоа е Крушево.Прек­расна староградска архитек­тура, која ве остава без здив, при­ј­а­телски настроениот народ, a пре­красната природа и планинскиот воздух го прават ова место меѓу најчистите градови кај нас. Некои чувства не се опишуваат со зборови – вели една посетителка.

Reportaza106-4

Целосно се конзервирани и реставрирани фасадата и покривот на Музејот на Илинденското востание, односно куќата каде што е прогласена Крушевската Република.

Работите беа обемни за заштита на еден од најзначајните споменици на културата – Музејот на Илинденското востание, каде што се чуваат највредните документи за градот, за подготовките и за текот на Илинденското востание, материјалите за прогласувањето на Крушевската Република, Манифестот, мапите, оружјето од тоа време, носиите униформите – вели министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Reportaza106-7

Обновената поставка ќе содржи и документи што првпат ќе бидат покажани во јавност. Крушевчаните својата слобода ја откупиле од султанот уште во деветнаесеттиот век обврзувајќи се дека ќе платат високи годишни даноци. На тој начин успевале да одржуваат живи трговски врски поврзувајќи го брегот на северна Африка и Мала Азија со Австро-Унгарија и со Италија. Крушево важело за богато место, а крушевчани се образовале во тогашните европски центри – Виена, Букурешт, Белград, Истанбул. Познатите семејства до денес раскажуваат за старите времиња, за момите донесени дури од Цариград со богат мираз, за старите книги по моминските ковчези и предмети што сè уште се чуваат по куќите, за роднините во Белград, Египет и во Букурешт, за уметниците од светски калибар како Никола Мартиновски и Тоше Проески, чиишто роднини и соседи ќе ги сретнете на улица, за познатите крушевски златари одамна заминати на запад, за умните крушевчани, кои и сега се елитата на нашето општество.

Reportaza106-8

Во годината кога Крушево од страна на Министерството за култура на Република Македонија е избран за град на културата, се одвива шестото издание на традиционалната манифестација „Крушево – етноград“. Етнодуќаните масовно се посетени од страна на туристите, а во најпосетени се жените од организацијата „Цвет“ од Крушево, кои организираа работилница за плетење и за везење.Патувајќи од Англија до Монголија, во етноградот пристигна и една патувачка група од Молдавија, која го подготви нивното традиционално јадење мамалига, кое им го подели на случајните минувачи.

 

Reportaza106-6

Во Крушево летово се склучи брак меѓу Фотини Гусети од Италија и нејзиниот македонски партнер Оливер Божиновски, како дел од проектот „Реиконто“

Во Крушево летово се склучи брак меѓу Фотини Гусети од Италија и нејзиниот македонски партнер Оливер Божиновски, како дел од проектот „Реиконто“. Венчавката се одржа во црквата „Свети Никола“, а на прославата пријателите и семејствата на невестата и младоженецот заедно го прославија нивниот брак.

Сите овие активности ги надополнуваат и збогатуваат културните содржини на Крушево, а овој бележит град по многу нешта и специфичности го носи името Град Музеј.

 

(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 106. број на неделникот „Република“, 12.09.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top