| четврток, 6 декември 2018 |

Иџе и фановите подготвени за македонско славје во Бузет

На последната трка од Европското првенство на ридски патеки викендов во Бузет, Хрватска, најдобриот македонски возач Игор Стефановски-Иџе заедно со стотина македонски фанови и официјално ќе го прослави освојувањето на европската титула.

Освоената титула и осумте победи на 11. трки не ги задоволуваат апетитите на Иџе и негова цел е со триумф во Бузет да ја прослави титулата.

Бузет е една од најлегендарните патеки од овој спорт како во регионот, така и во европски рамки. Има феноменална атмосфера од тамошната публика, перфектна организација и најсилна можна конкуренција. На неа традиционално учествува целата европска елита од овој спорт, бидејќи се работи за последна трка од ЕП. Одиме во Хрватска да победиме и со стил да ја прославиме европската титула. Моја желба е да поставам рекорд на патеката во мојата група Н со што на вистински начин би ја потврдил титулата, изјави Стефановски.

Новиот шампион од организаторот доби ВИП третман и категорија на специјален гостин. Тој е ослободен од котизација за настап и има повластено место во распоредот на боксовите на екипите.

Истото важи и за македонскиот карван составен од претставници од спонзорите, медиумите, навивачите и пријателите на тимот на Иџе кои ќе имаат бесплатен влез на патеката и посебен резервиран дел за следење на трката.

Во групата Н во која спаѓа Иџе има пријавено дури 27 возачи од шест земји (Хрватска, Словенија, Чешка, Романија, Италија и Австрија). Севкупно, за сите шампионати за кои се бодува трката во Бузет се пријавени 222 екипажи.

Патеката во Бузет е домаќин на трките на ридски патеки уште од 1982 година. Од 2000 година успеа да се вброи во календарот од Европскиот шампионат. Долга е 5.001 метар со просечна нагорнина од 5% и висинска разлика од 250 метри. Рекордот е 2:11.858 минути, а го држи Италијанецот Симоне Фаџиоли со Оселла ФА30. Рекордот, пак, што ќе го брка Иџе, за возила во групата Н го држи домашниот ас и минатогодишен европски шампион на ридски патеки, Томислав Мухвиќ и изнесува 2:43.577 минути.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top