
Според сѐ уште нецелосните резултати од референдумот за независност во Шкотска, аналитичарите се согласни дека исходот е сосема извесен и дека практично е невозможно Шкотска по вчерашното гласање да стане независна држава.
Поразот го призна и шкотскиот премиер Алекс Салмонд, кој во обраќањето ги повика приврзаниците да ја прифатат волјата на мнозинството.
– Икао резултатот не е целосен, знаеме дека мнозинството ќе бидат против осамостојување на Шкотска. Во овој момент Шкотланѓаните решија дека не сакаат независна Шкотска. Ја прифаќам волјата на народот и ги повикувам сите да ја почитуваат демократската пресуда на шкотскиот народ – изјави Салмонд. Тој за во иднина најави соработка со властите во Лондон, но веднаш изрази очекување дека итно ќе бидат исполнети ветувањата за пренесување дополнителни овластувања од Лондон на Шкотска.
Според последните резултати, дури 55,42 отсто од Шкотланѓаните рекле „не“ за отцепувањето од Велика Британија. Останаа да се пребројат гласовите од уште еден округ. Одѕивот на референдумот е рекордни 86 проценти.
Британскиот премиер им честиташе на граѓаните на Шкотска и на водачите на кампањата против отцепувањето. Камерон најави обраќање пред јавноста во 8 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


