
Корисничкиот енергетски центар на ЕВН Македонија во Делчево интензивно работи на реконструкција на дистрибутивната мрежа во повеќе населени места под Малешевските Планини.
Од компанијата посочуваат дека над 150 илјади евра се инвестирани во реконструкција на мрежата во најкритичните точки и во изградба на нова во населените места каде што се зголемува бројот на корисници.
– Во Берово и блиските села е извршено каблирање на 10 киловолтниот извод Берово 1 и Села 1, поставени се нови подземни кабли во должина од 2.000 метри со што над 1.000 корисници добија постабилно напојување со електрична енергија. Со ова се зголеми безбедноста на населението и се отвора можност за урбанизација на делот каде што беа воздушните водови – соопшти ЕВН Македонија.
За потребите на корисниците од месноста Суви Лаки, се додава во соопштението, изградена е нисконапонска мрежа во должина од 1.146 метри, 10 киловолтен приклучен далновод во должина 200 метри, а изградена е и нова трафостаница (ТС 10/0,4 киловолти, 400 киловолт ампери), со што се подобрува снабдувањето за старите и овозможено е приклучување на 40 нови корисници.
– Во тек е реализација на проектот за изгрдба на новата трафостаница Моштица (ТС 10/04 киловолтна) на која е приклучен 10 киловолтен далновод со должина 400 метри и реконструкција на мрежата со што проблемите на корисниците со напонот во село Моштица и Македонска Каменица ќе бидат надминати – нагласуваат од ЕВН Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


