Управата за јавни приходи (УЈП) во понеделникот ги потсети граѓаните дека се обврзани сите приходи што ги оствариле во 2012 година да ги пријават најдоцна до 15 март 2013 година.
Според последните податоци, до УЈП се доставени 30.933 годишни даночни пријави, а до истекот на рокот се очекува 200 илјади граѓани да ги пријават во Управата дополнителните приходи.
Задолжително поднесете годишна даночна пријава доколку во текот на 2012 година сте издавале под закуп (кирија) станбен или деловен простор, земјиште, викендица или друг вид имот; сте склучиле авторски договор или сте оствариле приход од права од индустриска сопственост; ви била исплатена дивиденда или камати по основа на заем; сте оствариле капитална добивка од продажба на хартии од вредност на берза, учество на капитал и недвижен имот; сте оствариле добивка од игри на среќа, од спортско обложување, од лото, од ТВ наградни игри; имате лични примања од странство; работно сте ангажирани во амбасада; и сте оствариле и „други приходи“, се вели во повикот на УЈП.
Притоа се информираат даночните обврзници дека годишната даночна пријава (образец „ПДД-ГДП“) е бесплатна и може да ја преземат преку веб-страницата на УЈП http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/21 или да ја побараат во даночните канцеларии.
Пријавата можете да ја поднесете и електронски, преку https://etax-fl.ujp.gov.mk, без да доаѓате на шалтерите на УЈП, доколку поседувате дигитален сертификат на USB токен, стои во соопштението
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.