Опозицијата е неопходност во едно демократско општество, рече претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, во неговото обраќање на Европската конференција на претседатели на парламенти во Осло, Норвешка.
Ова го истакна претседателот на македонското Собрание, Трајко Вељаноски, во обраќањето пред своите колеги на Европската конференција на претседатели на парламенти што се одржува во Осло, Норвешка.
– За да стане збор за вистинска опозиција, а од таму и за неопходност од постоење соодветна рамнотежа со мнозинството, потребно е опозицијата да поседува и да покаже способност да учествува ефективно и одговорно во политичкиот процес. Во спротивно се доаѓа, би рекол, до една контрадикторност, односно се губи смислата од постоење на таквата опозиција, а потребата од неа и понатаму стои – подвлече Вељаноски.
Тој нагласи дека во Република Македонија, работењето на Собранието е уредено со Закон и Деловник, чии одредби не го фаворизираат ниту владејачкото мнозинство, ниту опозицијата, туку ја обезбедувааат рамноправноста и одговорноста на секој пратеник во целокупниот процес на донесување на закони, односно во сите активности на Парламентот.
Во тој контекст, посочи дека еден од тројцата потпретседатели на Собранието се избира по предлог и од редовите на опозицијата и оти на собраниските седници посветени на пратеничките прашања, опозицијата има право да поставува двојно повеќе прашања отколку парламентарното мнозинство.
– Сите овие и уште многу други мерки и практики се воведени и се токму во насока на уважување на потребата од постоење на опозиција и постоење на баланс меѓу опозицијата и мнозинството. Меѓутоа, како што веќе споменав не е доволно само да се има опозиција, некогаш не се доволни ниту добро поставени и избалансирани услови за нејзино функционирање и делување, потребна е и политичка одговорност и зрелост – рече Вељаноски.
Според него, потребна е способност на опозицијата да понуди политички алтернативи преку развивање на сопствени програми и предлагање алтернативни решенија за одлуките на владата и претставници на мнозинството.
Потребно е, рече Вељаноски, постојано да ги промовира интересите на своите гласачи и активно да се залага за стабилност, легитимитет, одговорност и транспарентност на политичкиот процес.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



