Непознати лица синоќа на насилен начин влегле во една од бараките на Општина Центар, пишува „Утрински весник“. Според првичните сознанија, насилното влегување во бараката број 6 на Општината се случило околу 3 часот наутро, откако непознатите со употреба на погоден алат ја отвориле влезната врата.
Имено, бараката во која влегле провалниците е онаа каде што се и просториите на Советот на Општината, општинската архива, архивата на Секторот за урбанизам, Одделението за човекови ресурси и одделот за криза и безбедност и каде што се чува целокупната документација која се однесува на работата на Советот на Општина Центар. Токму поради сето ова вработените во Центар се сомневаат дека многу е веројатно провалниците со себе да однеле и дел од архивскиот материјал.
„Кражбата први ја забележале вработените кои се задолжени за обезбедување на Општината. Кражбата, набргу по откривањето од вработените била пријавена во полиција, а по првичниот увид бараката е запечатена со полициска лента“, велат надлежните од Општината и појаснуваат дека засега е неизвесно дали нешто е изнесено од општинската барака.
Од Општина Центар велат дека по запечатувањето на бараката број 6 утре ќе започне проверка со која треба се утврди дали нешто недостига или не, а со оглед на тоа што во дворот на Општината биле пронајдени неколку компјутери кои крадците ги оставиле. Имено, токму во моментите кога низ еден од прозорците биле изнесувани компјутерите тие биле забележани од лицата задолжени за обезбедување на Општината, па се дале во бегство.
Според непотврдени сознанија, кражбата е дело на две лица, а едниот од нив, наводно, на грбот имал ранец. Според друга шпекулација, провалникот носел патна торба, но не е познато што имало во нејзината внатрешност.
Насилното влегување во бараката на Општина Центар е потврдено и од МВР. Оттаму потврдуваат дека се работи за обид за насилно влегување преку главната врата на бараката. Првичниот полициски увид покажал дека провалниците ја отвориле вратата со употреба на адекватен алат, а потоа пристапиле кон пребарување на канцелариите.
„Низ еден од прозорците биле изнесени четири монитори, едно компјутерско куќиште и два видеопроектори, но кога провалниците биле забележани од лице задолжено за обезбедување, сето она што го изнеле го оставиле во дворот“, вели портпаролот на МВР, Иво Котевски, кој потврдува дека бараката е запечатена и дека во текот на денешниот ден тимови на Крим-техника ќе извршат дополнителни проверки со цел да се утврди дали е нешто украдено или не. Инаку, МВР најавува пријава за извршителите за кривично дело тешка кражба во обид.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


