| четврток, 6 декември 2018 |

Македонка меѓу сириските бунтовници војува против режимот на Асад

Триесет и петгодишната Леила Рида е една од ретките жени што имале храброст да земат пушка в раце и да влезат во директна борба со режимот на Башар ал Асад. Но, оваа жена е поразлична од останатите во ова конзервативно општество и по други нешта. Леила е родена во Македонија, а нејзината мајка е христијанка. Татко и е Сириец, а во Македонија живееле само три години. Потоа се преселила со целото семејство во Пула. Таму го минала целото детство, а во 2001 година ја напуштила Хрватска со целото семејство и заминала во Сирија, каде што одлучила да се вклучи во борбата за ослободување на земјата и да се бори рамо до рамо со мажите. Извесен период минала во затвор, каде што била и мачена, бидејќи учествувала во антивладините демонстрации. Откако била ослободена, се приклучила на Слободната војска на Сирија.

– До мојата трета година живеев во Македонија, а до 23 години живеев во Хрватска. Во Пула завршив гимназија, а во Ријека Градежен факултет. Потоа моето семејство реши да се пресели во Сирија затоа што татко ми најде добра работа. Тој тргува со Ирак. Мајка ми сакаше сите да бидеме заедно со татко ми, кој постојано патуваше на релација Хрватска – Сирија. Така со мајка ми, брат ми и сестра ми се преселивме во Сирија. Јас и сестра ми имавме избор дали ќе се преселиме или ќе останеме во Хрватска, но брат ми беше многу мал. Јас не сакав да се раздели семејството. Ми недостига семејството, но сега најважна ми е револуцијата – вели Леила и додава дека на почетокот воопшто не била среќна со одлуката, но подоцна се навикнала на животот во Сирија, па така сега не може да замисли да живее на друго место.

– Пред војната работев во шпедиција во една бродска компанија. Работев во прехранбената индустрија како графички дизајнер за амбалажа. Го водев одделот за маркетинг. Сега сум во планините во близина на Лакија. Градот сè уште е во рацете на Шебиха и на Асадовите војници. Шебиха ги нарекуваме платениците што се борат на страната на власта. Тоа се бандити кои порано работеле како телохранители на богатите семејства кои се поврзани со власта, односно со семејството на Асад.

Сонот за слободна Сирија првпат ѝ се јавил дента кога слетала на аеродромот во Дамаск.

– Тогаш помислив дека авионот по грешка слетал во Орвеоловата „1984“! Од сите страни беа изналепени плакати на Башар ал Асад и од неговиот татко Хафез ал Асад. Полицијата не беше таква каква што бевме навикнати да ја гледаме. Носеа „калашникови“. Во тој момент помислив колку оваа земја би била прекрасна да не беше заробена во „1984“ на Џорџ Орвел. Тогаш ми објаснија дека тука за тоа не смее да се зборува, ниту да се размислува за политика. Политичките вицеви се забранети, а со политика не смееш да се занимаваш освен ако не си дел од владејачката партија БААТ. Во текот на следната година увидов дека власта во Сирија е многу покрволочна од онаа во Тунис, Египет или во Либија. Кога почнаа револуциите во арапскиот свет бев радосна, и помислив дека ќе дојде ред и на нас – вели Рида.

Триесет и петгодишната Македонка раскажува и за малтретирањата што ги преживеала во затворите на Асад. Од сигурна смрт успеала да се спаси благодарениа на хрватскиот пасош.

– За време на протестите ме виделе на некои снимки. Изгледам малку поразлично од класичните Арапки поради тоа ме собраа во затвор. Таму поминав десет дена. Беше брутално. Тоа што го мразеа кај мене беше што немав шамија на главата. За нивните сфаќања јас ја имав целата слобода што некоја жена може да ја има. Беа многу лути. Како може некој да се осмели да бара слобода. Навистина ме мразеа. Силувањата се вообичаени во затворите на Асад, така што тоа не ме заобиколи и мене. Имам вдлабнатина во черепот, скршени ребра, но во себе носам и голема психичка и емоционална болка. Се извлеков со хрватскиот пасош. Целото мое семејство има хрватско државјанство. Се плашеа од дипломатска катастрофа. Продолжив да учествувам во протестите. Ја бојадисував косата, менував фризури, се криев… Пред три месеци сфатив дека немам друг излез освен да се приклучам на слободната војска. Во планина побегнав затоа што не ми паѓаше на ум по вторпат да го минам истото искуство.

Според Рида, во Сирија платениците се на страната на режимот. Бунтовниците добивале надоместок од само 100 долари месечно за лични потреби.

– Борците на Хезболах и Иранската револуционерна гарда се присутни во Сирија. Мојата бригада досега не ги сретнала, но јас лично ги видов уште во деновите на протестите во Латакија. Беа присутни пред џамиите во обид да ги сопрат мировните протести. Не сум видела војници на Хезболах, но видов ирански. Во нашата бригада, пак, нема платеници. Можеме ли да ги наречеме платеници луѓето на кои бригадата им дава храна, цигари и пијалаци, и кои добиваат по некој денар за основни потреби. Платите на нашите војници се 100 долари месечно. За тие пари никој не би ставил глава в торба и секој ден додека се бори над глава да му летаат гранати. Што се однесува до луѓето што ги нарекуваат странски платеници, ние имаме Либијци што дојдоа со своите пари да се борат на наша страна. Тие не бараат ништоод нас, туку ни помагаат како браќа Арапи. Мојата бригада не ги користи нивните услуги затоа што мислиме дека можеме сами да се избориме за своите права. Тие не земаат париод нас, туку дојдоа да ги дадат нивните пари и животи за наша одбрана. Јас лично сум против тоа, но морам да бидам објективна и да речам дека тие не се платеници.

Леила вели дека тоа што нејзината мајка е христијанка не претставува никаков проблем за да биде дел од бунтовниците.

– Во нашите редови може да се приклучи секој. Никој не те прашува која вера си. Важно е да доаѓаш со чисто срце и со желба за победа и за создавање  слободна Сирија – вели Рида.

Рида смета дека шеријатот не е лош како што го претставува Западот.

– Јас не сум исплашена од воведувањето на шеријатот или од исламистите бидејќи вистинскиот исламски шеријат е нешто што ја носи идејата на слобода и човекови права. Она што западните медиуми му го презентираат на светот е далеку од вистината. Шеријатот е закон кој е многу близок до сирискиот народ. Луѓето сега го користат за остварување на некои нивни права.

Тоа што им претставува најголем проблем во моментот е недостигот од оружје, храна и од лекови.

– Најголем проблем со набавување оружје  е токму во Латакиската провинција затоа што е ограничен пристапот до оружјето. Купуваме оруже од приватни фондации, нешто од наши пари, имаме, исто така, и заплени во битките во кои учествувавме. Најчесто се купува оружје преку шверцери.

Во Сирија во моментов народот нема ниту доволно храна, ниту доволно вода, ниту доволно лекови. Иста е ситуацијата и во градовите што се под контрола на слободната војска и во градовите под контрола на асадовата војска. Нема горива, а недостига и електрична енергија во повеќето градови, така штохуманитарната ситуација е многу лоша.

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top