Турција не е само еден од нашите најголеми политички сојузници, туку прераснува во еден од најдобрите економски партнери, порача премиерот Никола Груевски во обраќањето на турско-македонскиот бизнис форум во организација на Стопанската комора Македонија-Турција (МАТТО) во Скопје. Билатералната трговија меѓу двете земји е зголемена за осум пати во последните две децении со што Турција е деветтиот најзначаен трговски партнер на Македонија.
– Се надевам дека потенцијалите за соработка меѓу двети земји и во иднина ќе бидат искористени, а уверен сум дека постојат огромни потенцијали за соработка. Ги повикувам турските инвеститори да ги искористат поволностите што ги нуди Македонија и да инвестираат. Очекувам денешниот бизнис форум да биде во таа насока, посочи Груевски.
Претседателот на Управниот одбор на МАТТО, Тунај Ејуп Кавеџи истакна дека вкупните инвестиции од членките на МАТТО кои инвестирале или тргуваат со Македонија, а чии инвестиции се завршени или се во тек, досега изнесуваат една милијарда евра, а до 2015, како што посочи, очекуваат да достигнат до две милијарди евра.
– Една од основните цели на МАТТО е да создава силно лоби кај турските и македонските инвеститори, рече Кавеџи.
Побара турската лира да биде конвертабилна во Македонија и вети дека Истанбулскиот универзитет ќе отвори Универзитет во Македонија специјализиран за областа на технологијата и додаде дека се заинтетресирани и за отворање турска инвестициска област во Македонија.
МАТТО е оформена во 2008 година како невладина организација и во неа членуваат деловни луѓе од Турција и Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


