Четиринаесет илјади метри квадратни распоредени на 11 нивоа опфаќа новиот објект на Министерството за финансии „Палата 23 октомври“ што вечер ќе биде пуштен во употреба од страна на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Новиот објект спаѓа во групата СМАРТ згради – насочена кон заштеда на енергија и заштита на околината. Во неа е сместен и современ прес-центар, како и конференциска сала каде ќе се одржуваат конференции, состаноци и дебати меѓу стручни лица за соодветни намени.
Изградена е и најсовремена компјутерска систем сала, направена по најстроги стандарди, која ќе овозможи непречено и стабилно функционирање на целокупниот компјутерски систем на оваа институција, а пред сè на Трезорот и Буџетот како витални сектори на
Министерството за финансии и на платниот промет во државата, соопшти Министерството за финансии.
Истакнуваат дека со доградбата на овој објект е надминат проблемот што се јавуваше поради користењето различни локации во кои беше сместено Министерството за финансии, што го отежнуваше нормалното и ефикасно функционирање. Ваквиот потфат трајно го реши
деценискиот проблем од недостиг на просторни услови за работа, а државата со неговата изградба заштеди значителни средства за закупнина на објектите во кои функционираше Министерството, се вели во соопштението.
Според Министерството за финансии, новата зграда е енергетски најефикасниот јавен објект во Македонија и еден од најсовремените во регионот. Вградени се најсовремени материјали за изолација, независен систем на затоплување и ладење со клима комори и стакло со
високосоларен коефициент на трансмисија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


