| четврток, 6 декември 2018 |

Германија да биде поактивна во надминување на регионалните предизвици

Германија треба да биде поприсутна во регионот и на политички и на економски план, а предизвиците и нерешените прашања на регионот треба да се предизвици и нерешни прашања на Европа и на Европската унија.

Ова се позициите од кои ќе настапи Република Македонија на самитот „Германија – ЕУ – Западен Балкан“ што денеска се одржува во Берлин на иницијатива на германската канцеларка Ангела Меркел, на кој учествуваат Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Косово.

DSC_7449

Македонската делегација на самитот ја предводи премиерот Никола Груевски, а во нејзин состав се и вицепремиерот Владимир Пешевски и министерот за економија Беким Незири.

Како што информираат извори од македонската Влада, Германија, како една од клучните и носечки земји на ЕУ, кон која се стремат сите земји од регионот, би можела да помогне во нивно надмнување, а игнорирањето може да придонесе тие да се продлабочат.

West Balkans conference

– Сите земји треба одговорно да се постават пред предизвиците и соработката и градењето заедничка иднина на меѓусебно почитување и почитување на засебноста и достоинството на сите. Toa се фундаменти врз основа на кои треба да се гради иднината, посочуваат изворите.

Во однос на економскиот дел, ќе биде истакнато дека Република Македонија е отворена за проекти, особено од областа на енергетиката и инфраструктурата, како и во останати области кои можат да придонесат за европерспктивите на регионот. Воедно, ќе биде истакнато дека Република Македонија е одлучна во спроведувањето на реформите, пред се, заради подобрување на условите и можностите за своите граѓани, но и за исполнување на стандардите на ЕУ.

DCS_7376

Инаку, лидерите од регионот на Западен Балкан ќе седат на иста маса со претседателот на ЕК Жозе Мануел Баросо, како и со претставници на Австрија и на Франција, Словенија и Хрватска, каде зад затворени врати се очекува да дебатираат за ситуацијата и проблемите во регионот.

Во исто време со главната пленарна средба, во германското МНР ќе се одржи состанок на шефовите на дипломатиите со земјите од Западен Балкан, на која ќе присуствува и министерот за надворешни работи Никола Попоски. На оваа конференција, која исто ќе биде затворена за јавноста, ќе учествува и еврокомесарот за проширување Штефан Филе. Според германски аналитичари, можно е Попоски да се осврне на спорот за името, кое се смета за главна пречка на патот на евроинтеграциите на Македонија.

DSC_7927

Целта на самитот, според организаторите, е реафирмација и поттикнување на европерспективите на земјите од Западен Балкан и на процесот на нивна евроинтеграција преку охрабрување за поголема регионална соработка.

По пленарката е најавена прес-конференција на Меркел со Баросо и албанскиот премиер Еди Рама, како актуелен претседавач со Процесот за соработка во ЈИЕ.

DSC_7941

Самитот ќе биде заокружен со работна вечера која ја приредува канцеларката Меркел, на која учесниците уште еднаш ќе ја резимираат еднодневната работа и разговори. Некакви големи заклучоци и документи не се предвидени, освен позитивната порака преточена во конкретен ангажман за економски развој на Западен Балкан.

Се очекува Самитот да прерасне во годишна конференција за Западен Балкан во рамките на ЕУ, чиј организатор идната година треба да биде Австрија.

Берлинскиот собир на високо рамниште следи по состанокот на осумте претседатели на земјите од Процесот „Брдо-Бриони“, кој се одржа во јули во Дубровник, а на кој присуствуваше и германската канцеларка Ангела Меркел.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top