| четврток, 6 декември 2018 |

Седумгодишно девојче од Скопје со западнонилска треска хоспитализирано на клиника

Седумгодишно девојче од Скопје со западнонилска треска во многу тешка состојба било хоспитализирано на Клиниката за детски болести, објави „zdravstvo24“ од лекарски извори од клиниката.

Вирусот кај девојчето деновиве бил и лабораториски потврден во Институтот за јавно здравје. Според информациите на zadravstvo24 детето било каснато од инфициран комарец во Грција за време на одморот со родителите. Извесно време по каснувањето седумгодишното девојче малаксало и покачило температура. Вирусот западен нил кај детето предизвикал воспаление на мозокот, велат од клиниката. Девојчето на Клиниката за детски болести во Скопје пред десетина дена било донесено во многу лоша состојба. Детето веднаш било примено на одделот за Интензивна нега. Од Клиниката информираат дека организмот на детето успешно реагирал на терапијата и после неколку дена состојбата почнала да се подобрува. Во моментот седумгодишното девојче е на одделот за Неврологија каде и понатаму е на антивирусна терапија и под постојан лекарски надзор. Ова е втор увезен случај на Западнонилска треска годинава во Македонија. Пролетта од овој вирус заболел и млад дечко додека престојувал во Германија. Успешно бил излекуван на Кликиката за инфективни болести во Скопје. Изминатите години во земјава беа регистрирани неколку смртни случаи поради компликации предизвикани од западнонилската треска.
Болеста не може да се пренесе од човек на човек. Вирусот се пренесува преку заразени комарци. 80 отсто од случаите на инфекција поминуваат без симптоми, додека кај 20 отсто од случаите се развива болест со благи симптоми, кои наликуваат на настинка или грип. Ретко може да се развие тешка болест со симптоми на менингоенцефалитис, односно воспаление на мозочните обвивки и мозокот. Најризични категории се старите лица, децата и луѓето со слаб имунитет, велат лекарите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top