| четврток, 6 декември 2018 |

Заробените руски војници велат дека по грешка влегле во Украина

Припадници на руската 98-та падобранска дивизија коишто во понеделникот беа заробени на украинска територија во средата дадоа изјави дека верувале дека прават рутинско патролирање и дека не сфатиле дека се наоѓаат на украинска територија сé додека не биле уапсени, пренесуваат агенциите.
Украинските власти во Киев ги обвини дека се наоѓале во специјална мисија со која им помагаат на проруските бунтовници во источна Украина. Официјална Москва, демантираше дека ги испратила војниците во мисија, туку дека тие по грешка влегле на украинска територија и потсети дека стотици украински војници исто така преминуваат на руска територија кога ќе се најдат во опасност да бидат заробени од бунтовниците и дека безбедно ги враќа на украинска територија.
Девет од десетте заробени војници на прес-конференција одржана во Киев изјави дека пред почетокот на рутинската вежба добиле многу малку информации, како и дека немаат никакво претходно искуство во воени операции. Десеттиот војник е ранет и префрлен во болница.
-Не бевме воопшто информирани…. Испратени сме во рутинско патролирање, се изгубивме, не го знаевме ниту патот ниту на каде одиме“, изјави еден од заробениците, Иван Романцев кој е идентификуван како водач на групата.
-Дека се наоѓаме на украинска територија сфативме кога бевме уапсени и кога ни објаснија каде сме. А слични вежби сме оделе многупати, само што тие се одржуваа на други места“, рече наредникот Владимир Савостеев.
Од нивните одговори не може да се заклучи дали надредените во руската армија им дале јасни упатства да ја минат границата, коментира Reuters.
Претходно во средата началникот на истражниот оддел на Службата за безбедност на Украина, Василиј Вовк, изјави дека е отворено кривично дело против руските војници уапсени во понеделникот. Според него тие се обвинети за „учество во терористичка организација, содејство во активности на терористичка организација“ и за „незаконско поседување оружје, муниција и експлозивни средства“, како и дека се разгледува покренување обвинение против нивниот командир за илегално пренесување лица преку државната граница.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top