Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски упати честитка до Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и до сите верници од православна вероисповед, по повод христијанскиот празник Успение на Пресвета Богородица.
– Денешниот христијански празник на Успение на Пресвета Богородица, нека ни биде потсетник и пример за нејзината големина и улогата на секоја жена во нашите семејства. Нејзината чистината, љубовта и посветеноста на Бога, се христијанските вредности кои се почитувани од сите верници. Во Македонија, мајката Божја е длабоко вкоренета во верувањето за нејзината милост и благодет, како и почитувана за чувар и закрилник на сите жени, мајки и христијани воопшто. Како христијани треба да сме насочени кон праведноста и добрината, да научиме да простуваме, да бидеме хумани и да споделуваме радост, но и да ги почитуваме највисоките морални вредности.
Искрено да веруваме во нашата сплотеност и да сме цврсто обединети во нашите цели за промовирање на православните христијански вредности како и чување на духовното и културното наследство. Потребно е сите заедно да работиме за подобра иднина на секој поединец, како и нашата држава Република Македонија.
На сите православни верници од Македонија и светот им посакувам празникот да го поминат во духовен мир, исполнети со многу здравје, среќа и бериќет во секој дом, се наведува во честитката од претседателот на Собранието на РМ, Трајко Вељаноски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.