| четврток, 6 декември 2018 |

Блиц: Мило има три фирми, Груевски и Вучиќ се занимаваат со политика

Сите претседатели и премиери на земјите во регионот имаат решено станбено прашање, плата од 1.000 евра и нагоре и најчесто штедат во банка, анализира Блиц.

Македонскиот премиер Никола Груевски според Блиц, заработува 1.300 € месечно, нема имот, има уметнички слики и заштеда во банка од 33.000 €.
Претседателот Ѓорги Иванов заработува 1.500 € месечно, има стан од 75 м2 и земјиште вредно 24.000 € и заштеда во банка.
Српскиот премиер Александар Вучиќ е меѓу „најсиромашните” од своите колеги во соседните републики. Тој заработува нешто повеќе од 1.000 евра, и освен стан од 30 квадратни метри нема ништо друго, ни заштеда ни автомобил. Од друга страна, неговата словенечка колешка Аленка Братушек е најплатен премиер во регионот со 4.712 € месечно. Покрај тоа што има имот (куќа, земјиште, овоштарници), таа исто така е сопственик на автомобил „мерцедес” А класа од 2010 година.
blic
Меѓу најплатените е и хрватскиот премиер Зоран Милановиќ, кој заработува 2.689 €

Нешто повеќе од Вучиќ заработува црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ – 1.131 евра, но според неофицијалните проценки тој е можеби најбогатиот политичар од сите републики од поранешна Југославија, со оглед на фактот дека покрај недвижности, тој има удели, односно е сопственик на “Капитал инвестмент”, има 25 проценти од компанијата „Univerzitats” и 50 отсто од „Глобал Црна Гора”.
Кога станува збор за претседатели, Томислав Николиќ е меѓу „посиромашните”. Тој заработува најмалку – 1.273 €, но со недвижен имот може да се натпреварува со колегите од регионот. Николиќ има стан од 194 квадратни метри, како и ниви, овоштарници и пасишта кои се околу 14 хектари, заштеда на банката, и има две автомобила “Лада нива” и “Ауди А6″.
Хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ заработува речиси три пати повеќе од Николиќ – 3.249 €, има стан, канцеларија, заштеда во банка од 300.000 евра. Црногорскиот претседател Филип Вујановиќ има стан од 157 квадратни метри и куќа во Сутоморе, како и скромен деловен простор од околу 30 квадратни метри.
Словенечкиот претседател Борут Пахор живее во стан од 80 квадратни метри, има наследено третина од куќа и вози  „Рено 4“ старо 25 години.

Додик „тежи” 1,5 милиони евра

Претседателот на РС, Милорад Додик, пријави имот во вредност од околу 1,5 милиони евра, кој се состои од три апартмани и две куќи. Додик има автомобил произведен во 2006 година, во вредност од околу € 20.000. Се занимава со земјоделство и од тоа во 2013 заработил 50.000 евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top