Косово –Пред една година поранешниот американски амбасадор во Обединетите нации, Џон Болтон, предупреди дека Косово ќе биде слаба држава подложна на радикалното исламистичко влијание надвор од регионот… потенцијална порта за радикализмот да влезе во Европа или отскочна штица кон антихристијанската и антиамериканска „Еврабија“. Тој беше еден од ретките во Вашингтон што предупреди на тековното спојување на агресивниот албански национализам и транснационалниот ислам. Пресудата на Болтон е споделена од страна на поранешниот командант на ОН во Босна, канадскиот генерал Луис Мекензи. Тој вели дека во 1999 година Западот интервенирал на страната на екстремистичкото, воено косовско-албанско движење за независност. Фактот дека УЧК е универзално прогласена за терористичка организација поддржана од Ал Каеда беше комплетно игнориран.
По интервенцијата на НАТО предводена од САД во 1999 година, Косово стана криминален центар во Европа. Криминалот е главната економска активност на покраината: тешки дроги (главно хероин), трговија со луѓе и шверц на оружје. Но, не помалку значајна, од гледна точка на „Зелената трансверзала“, е и симбиозата што се развила меѓу албанските криминални семејства во Косово и џихадистичките мрежи во странство. Како резултат на тоа, според извештајот од 252 страници составен од американски разузнавачки агенции во април 2006 година, повеќе од 15 години исламските активисти, заедно со Ал Каеда и други терористички организации, слободно шетаат низ Балканот: „екстремисти, финансирани делумно со пари од шверц на дрога, се обидуваа да се инфилтрираат во Западна Европа од Авганистан и други подалечни места на Истокот преку трансверзалата, односно преку Турција, Косово и Албанија.“
Тој процес почнал уште пред интервенцијата на НАТО во 1999 година, но администрацијата на Клинтон ги игнорирала предупредувањата. Односот бил цементиран со ревноста на ветераните од УЧК кои се приклучија на мрежата на Осама бин Ладен во Авганистан. Иран, исто така, го поддржа албанскиот бунт во Косово надевајќи се дека ќе го претвори регионот во главна база за исламската вооружена дејност во Европа. До крајот на 1998 година, американските претставници од ДЕА се жалеле дека трансформацијата на УЧК од терористи во борци за слобода ја отежнала нивната способност да се запре протокот на албанскиот хероин во Америка. Иако, во тоа време, бомбардирањето на Србија од страна на НАТО беше во полн ек, муџахедините беа сојузници со Американците. Една деценија подоцна, токму тие сојузници ќе раководат со Косово. Денес, тоа е најкорумпираното место во Европа со најлоша администрација, моноетничко легло на криминал и нетрпеливост, главен извор на иредентизам и регионална нестабилност – како и клучен столб на „Зелената трансверзала“.
Санџак – Областа позната за муслиманите како Санџак („управна единица“ на турски јазик) е една од најкритичните геополитички точки на Балканот. Се простира на околу 8.500 квадратни километри долж границата меѓу Србија и Црна Гора, поврзувајќи го југоисточниот дел на Косово со северозападниот дел на Босна. Демографската слика на областа е исклучително комплексна. Според пописот во Србија (2002 година) и во Црна Гора (2003 година), населението во Санџак броело 420.259 жители. Од таа бројка, 235.567 живееле во Србија, а 184.692 во Црна Гора. Според националноста, 52 проценти биле Бошњаци и муслимани, додека 43 проценти биле Срби и Црногорци. Клучниот демографски јаз во „Зелената трансверзала“ постои во северозападната половина на Санџак, вклучувајќи и три општини од Србија (Прибој, Нова Варош и Пријеполје) и Плевља од Црна Гора. Доколку избувне нова криза на Балканот во текот на следната деценија, се стравува дека тоа ќе биде токму таму.
Водечка фигура во локалната политика е Муамер Зукорлиќ, санџачкиот муфтија. Зукорлиќ е во спор со раководството на Исламската верска заедница (ИВЗ) во Србија, органот што тој одбива да го прифати. Лидерите на ИВЗ, реис-ул-улема Адем Зилкиќ и неговиот претходник Хамдија Јусуфспахиќ, се немоќни да го покорат Зукорлиќ бидејќи тој е поддржан од муслиманското лидерство во Сараево и од други странски (претежно арапски) извори. Иако и двете страни во спорот тврдат дека се противат на вахабистичката инфилтрација, Зукорлиќ има амбивалентна позиција. Дури и откако на околу 32 километри од градот Нови Пазар беше откриен таен камп за обука на вахабисти опремен со оружје и со експлозиви, тој рече дека премногу му се дава значење на проблемот. Откако Црна Гора прогласи независност во мај 2006 година, муслиманското барање за автономија се фокусира на шест општини на северната страна на границата во Србија. Муслиманско мнозинство во таа заедница би изнесувало 58 проценти. И уште поважно, дури и во намален формат, сепак, ќе претставува закана за копнениот мост меѓу Косово и Босна.
Босна – Незаборавното тврдење на Алија Изетбеговиќ во Исламската декларација дека не може да има мир или соживот меѓу исламската вера и неисламски општества и политички институции, и дека неговата цел е голема исламска федерација што ќе се простира од Мароко до Индонезија, не е невообичаено за еден искрен исламист. Изетбеговиќ беше синоним за бизнис. Бил Клинтон сѐ уште бил во Белата куќа кога класифициран извештај на Стејт департментот предупредувал дека делови од Босна, управувани од муслиманите, се засолниште за исламскиот тероризам. Извештајот предупредувал дека стотици странски муџахедини, кои станале босански граѓани и останале таму по учеството во војната, претставувале голема терористичка закана за Европа и за САД. Меѓу нив биле и тврдокорни терористи поврзани со Бин Ладен и заштитени од страна на муслиманската влада. Тоа беше потврдено во ноември 2001 година кога босански пасоши, кои биле користени од страна на Талибанци во бегство, беа пронајдени во една куќа во Кабул.
Центарот на балканската мрежа на Бин Ладен се ветераните од бригадата „Ел Муџахед“ на армијата на босанските муслимани. Таа е основана во 1992 година и во неа биле вклучени волонтери од целиот исламски свет. Единицата се одликувала со голема суровост, вклучувајќи и сечење на главите на затворениците додека пееле „Господ е голем“. Ел Муџахед бил домот од каде што меѓународната терористичка мрежа се шири во Европа и во Северна Америка. По завршувањето на војната во Босна, многу муслимански доброволци останале таму. Босанската муслиманска влада ги прекршила дејтонските правила со доделувањето босанско државјанство на неколку стотици арапски и други исламски доброволци. Помалку од една година по завршувањето на војната тие добро си се снашле, си ги присвојувале српските имоти и се женеле за тамошните жени, понекогаш и со сила.
Босанските ветерани заминале да извршуваат убиства и осакатувања во многу земји во Европа, Северна Африка, Блискиот Исток, Азија и во Северна Америка. Од администрацијата на Клинтон знаеле за поврзаноста на Осама бин Ладен со босанските муслимани, но Вашингтон не реагирал на тоа. Милениумскиот заговор од крајот на декември 1999 година и за малку избегнатиот обид на Ал Каеда да го крене во воздух меѓународниот аеродром во Лос Анџелес биле испланирани од страна на терористичка ќелија што оперирала во Монтреал – повеќето од нив биле ветерани во босанската војна – а операцијата била контролирана од централна Босна. Ветераните, исто така, се поврзуваат и со бомбашкиот напад на зградата Ал Кобар во Ријад и со заговорот да ги кренат во воздух американските воени објекти во Германија. Дури и терористичките напади од 11 септември 2001 година ги поврзуваат со Босна: Калид шеик Мухамед, кој ги планирал нападите од 11 септември 2001 година, бил искусен ветеран од босанскиот џихад, како што биле и двајца од киднаперите.
Иран веќе си обезбедил сигурно земјиште во Босна кога администрацијата на Клинтон добила помош од Техеран во снабдувањето на муслиманската армија со оружје. Тоа било направено во спротивност на ембаргото за оружје на ОН наметнато од страна на САД и зад грбот на европските сојузници. Дури и ЦИА и одделенија за државата и за одбрана не биле известени за тоа. Иранските разузнавачки оперативци дошле со оружје. Резултатот е симбиотскиот однос меѓу владејачката муслиманска заедница во Сараево и режимот во Техеран.
Последно, но не и најмалку важно, Босна и натаму останува патна станица за илјадници нелегални муслимански имигранти од Блискиот Исток кои се обидуваат да влезат во Западна Европа. Изетбеговиќ поднесе оставка во 2000 година, но тврдокорните политичари што го интернационализирале неговото учење и неговата визија остануваат активни на сите нивоа на муслиманската номенклатура во Босна. Како што „Џејнс интелиџенс ривју“ (заб. месечен весник за воено разузнавање) заклучи во 2006 година, „актуелната закана од тероризам во Босна и Херцеговина доаѓа од помлада, повоена генерација исламски активисти, радикализирани од американските акции во Ирак и во Авганистан“.
„Зелената трансверзала“ и војната против тероризмот
На Балканот, тоа е појава што се базира врз локални групи, но се менува како интегрален дел од глобалната мрежа. Ал Каеда и нејзините врски на Балканот, или независните терористички ќелии кои настануваат инспирирани од неа, се способни да активираат оперативци што изгледаат како Европејци и навидум се дел од западното општество – „белата Ал Каеда.“ Западните службеници за спроведување на законот признаваат дека регионот станал рај за исламските радикали.
Спротивно на тоа, западните политичари и дипломати се обично двосмислени. Тие не го негираат постоењето на проблемот, но имаат тенденција да го релативизираат со додавање дека е мала веројатноста оти може да ја наруши политичката и безбедносната рамнотежа во регионот или да ги оштети западните интереси. Како што еден поранешен дипломат од регионот забележува: „Тогаш обично следува убедувачка мантра за проевропската ориентација на секуларизираните балкански муслимани со оптимистички заклучок дека забрзаниот процес на евроинтеграција на целиот регион ќе го намали просторот за радикалниот ислам сѐ додека конечно не исчезнат таквите тенденции“.
Проблемот со таквото оптимистичко оценување не е дека тоа е сосема погрешно, туку дека станува помалку во ред со секој изминат ден. А, голема вина на западниот пристап е неговата наивна верба во атрактивните овластувања на секуларизацијата. Постои растечки јаз меѓу реалноста на исламот на Балканот и главната приказна на Западот за наводно умерениот и толерантен ислам на Балканот. Проблемот со „Зелената трансверзала“ нема да се реши без критичко преиспитување на политиката на Западот, како и на неговите илузии. Во текот на изминатите две децении, тој проблем се претвори во демографска, социјална и политичка реалност: „Додека муслиманите континуирано прават раздор меѓу христијаните во централна Европа, Западот рамнодушно ја гледа ситуацијата за која се надева дека ќе создаде послушен ислам како турскиот. Но, со оглед на тоа што и самата Турција страда од муслимански фундаменталисти, не е сигурно дали надежите ќе бидат исполнети“.
Навистина нема сомневање. Далеку од обезбедување модел на прозападен „умерен ислам“, Косово, муслиманска Босна, Санџак, западна Македонија и јужна Бугарија се веќе плодна почва за илјадници млади тврдокорни исламисти. Нивната посветеност е исполирана во илјадници новоизградени, најмногу џамии и исламски центри. Шефот на исламската заедница во Сараево си ја кажа намерата.
– Малиот џихад заврши … босанската држава е недопрена. Но, сега ние треба да се бориме за поголем, втор џихад – изјави Мустафа Цериќ, реис-ул-улема на Босна и Херцеговина, пред повеќе од една деценија. Оваа изјава ја одразува динамиката својствена на политичкиот ислам: примирјето со дар ал харб е дозволено, понекогаш дури и со мандат, но трајниот мир е невозможен сѐ додека постои еден неверник што одбива да се потчини на дар ал ислам.
Ако политиката на Западот, особено политиката на САД за Балканот, не била со цел да се олесни „Зелената трансверзала“, прашањето не е зошто, туку како нејзините ефекти парадоксално се совпаѓаат со регионални цели на истите исламисти со кои се соочува Америка и во други делови во светот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст