Ми беше тешко кога ги слушав и гледав страдањата на сирискиот народ.Вести, сателитски канали, веб-портали – секаде секојдневно се пренесуваа информации во кои се опишуваше како ги убиваат во сопствената земја. Решив да отпатувам во Сирија за да им помогнам – вака триесет и тригодишниот Рашид од Мароко ја раскажува својата приказна за учеството во војната во Сирија.
Тој бил решен да замине. Стапил во контакт со некој сосед, кој бил таму и го охрабрувал да оди. Контактирале преку „Фејсбук“ и телефонски за да се координираат и да ги направат последните подготовки за патувањето на Рашид.
Тргнал од аеродромот „Мохамед Петти“ во Казабланка. Го прашале за неговата дестинација. Одговорил дека оди во Турција. На аеродром го чекал неговиот марокански пријател. Со теренско возило го однел до сириската граница.
– Кога стигнав до Сирија ме одведоа во станбена зграда,која ја нарекуваа „куќа за гости“. Тоа се три големи станбени згради, секоја со по три пространи ката со големи ходници. Зградите се целосно климатизирани, со телевизори, со сателитски интернет и,секако,обезбедена севкусна храна и пијалаци. Бев вџашен. Таму поминав два месеца. Запознав многу Мароканци. Секој одбираше група или фракција што му одговара и во која сака да се бори. Мојот пријател беше член на ИСИЛ (Исламска држава Ирак и Левант). Мене не ми одговараше таа група. Уште додека бев во Мароко гикритикував таа група и нејзините акции на „Твитер“ и на „Фејсбук“. Почувствував дека дури и Сиријците од околината на Алеп не ја одобруваат таа група и не сакаат што сме таму. Тоа се обични луѓе, кои сакаат да живеат во мир и во безбедност, далеку од секојдневните борби на групите и на фракциите во Сирија. Ме погоди кога го видов тоа – вели Рашид за веб-порталот „Магарабија“ (magharebia)тврдејќи дека никогаш не бил радикален во своите верски ставови.
Македонски муџахедин уапсен на Косово
Според последните информации од Косово, меѓумуџахедините што пред неколку дена беа уапсени има и еден државјанин на Македонија. Според весникот „Зери“, станува збор за Бесим А. Шабани, 32 години, од Скопје, кој долго време престојувал во Урошевац.
Кога ја видел реалноста на терен, кај него се појавил страв. Се плашел дека ќе загине за идејата во која веќе не верувал. Сфатил дека згрешил што гиоставил фамилијата, децата и заминал во Сирија каде што бил шокиран од секојдневната борба меѓу луѓето.
– Не поминав толкав пат за да се борам. Почнав да чувствувам дека моето присуство во Сирија е една голема грешка. Имав три опции: да останам и да загинам за идејата во која веќе не верувам, да отпатувам во Турција или некаде на друго место и да живеам сам додека не умрам или да се вратам и да ги трпам последиците. Конечно,размислив и решив да се вратам. Мислев дека мароканските власти нема да ме уапсат туку ќе ми постават неколку прашања за причините поради кои сум отпатувал и ќе ме пуштат. Но ме уапсија на аеродром и ме однесоа во затворот каде што сега чекам судење – ја раскажува својата приказна мароканскиот муслиман, кој советува:
–Не живејте во илузија и не верувајте им на видеоспотовите во кои, божем,Сиријците бараат помош и поддршка.
Тој додава дека додека бил во Сирија многумина на „Фејсбук“ анонимно го прашувале за џихад и за борбите во Сирија. На сите им велел: „Не доаѓајте. Останете во својата земја затоа што и јас жалам што дојдов следејќи фатаморгана“.
– Во Сирија нема ништо друго освен фракции и групи што се борат една против друга. Таква борба не е прифатлива за разумот и за логиката. Ова се зборови на некој што бил таму и го доживеал тоа. Не дозволувајте да ве прелажат. Одењето во Сирија е авантура со непознати последици. А што се однесува до наградата, таа не постои. Единствената награда е смрт – посочува Рашид, кој се соочува со петгодишна казна затвор за тероризам. Тој се решил да проговори за Сирија поради фактот дека многумина заминуваат без да ја знаат реалната слика.
Балканот со казни за муџахедините
Процените на безбедносните служби се дека во моментот на овие два фронта војуваат преку 200 доброволци. Во Ирак тие се дел од ИСИЛ и се наречени Ал Косово, а се предводени од Лавдрим Муџахири,чијашто бруталност и крволочност беше прикажана вонеколку видеоспотови што го обиколија светот. Стотина млади луѓе од Балканот отпатуваа за да се борат во тригодишната војна. Секоја земја на свој начин се обидува да ги спречи. Поголем дел од земјите почнаа да донесуваат закони со кои се казнуваат тие што самоиницијативно учествувале во воени операции надвор од државата. Затворската казна со која се соочува Рашид е резултат на законската одредба во Мароко. Земјите во регионот по брза постапка донесоа закон со кој се пресретнуваат тие што сакаат да учествуваат во војните во Сирија. Косово, БиХ, Албанија, Србија се дел од земјите што го имаат регулирано тоа. Законот забранува учествово каков било воен конфликт во странска држава. На пример, со новиот закон што беше донесен во Косово се предвидува затворска казна од пет до 15 години за тие што организираат, регрутираат, водат или тренираат индивидуи или групи во приклучување и во учество во странски милитантски или парамилитантски групи и акции и учествуваат во воени конфликти надвор од границите на Косово. Казните и во другите земји што го имаат законски регулирано самоиницијативното учество во конфликти надвор од домашните граници се драконски, минимум 10 години.
Осум македонски државјани ја добија „единствената награда“
Официјалнитеинформации велат дека досегаосуммина македонски државјани загинаа на боиштата во Ирак и во Сирија борејќи се од страната на ИСИЛ и на Ал Нусра. Тоа се Башким Бела (23) од Скопје, Расим Зеќири од Гостивар, Алим Осман (22) од Скопје, Егзон Авди, Сами Абдула Хорхе од Скопје, Аднан Реџепи (31) од Гостивар, Емир Ниметула (38) од Грчец и Расим Селими од гостиварско Беловишта.
Темата не е нова. Постојано се пишува за последиците од учеството на домашни државјани во борбите во Сирија и во Ирак на страната на Исламската држава Ирак и Левант (ИСИЛ) и Ал Нусра, кои се прогласени за терористички организации. Последните апсења во Косово, кога беа приведени 40 лица поради загрозување на националната безбедност на Косово, повторно ја актуализираа темата. Според косовските власти, апсењатадоаѓаат по неколкумесечната истрага на полицијата и на косовското обвинителство.
– Во текот на реализацијата на оваа полициска операција беа претресени 60 објекти на повеќе локации и беауапсени 40 лица што се осомниченидека сториле кривични дела против уставниот поредок и безбедноста на Република Косово – посочија од косовското МВР.
Ваквата акција е и предупредување заграѓаните за опасноста што им се заканува на сите што ќе им се приклучат на сомнителни организации штодејствуваат на територијата на Сирија и на Ирак.
Законски измени во Македонија
И Македонија подготвува санкции за тие што самоиницијативно учествуваат во војни и во воени конфликти надвор од државата. Министерката за надворешни работи, Гордана Јанкуловска, пред еден месец, за време на интервјуто за неделникот „Република“, најави дека ќе се направат законски измени, со кои ќе се предвидат казни за тие што учествуваат во конфликти во други земји.
Со новите законски измени јасно е прецизирано дека тој што ќе создава и организира превоз, опремување, обучување на лица или група, ќе биде казнет со најмалку 5 години затвор. Исто толкава казна е предвидена за оној кој ќе нуди, бара, дава, прибира фондови или финансиски средства за овие цели.
Со најмалку 4 години затвор ќе бидат казнети оние кои ќе учествуваат или ќе се обучуваат за воено дејствување надвор од Македонија. Најмалку 4 години затвор новиот закон предвидува и за лица кои собираат, организираат преку социјалните мрежи снимки, аудио или видео, на кои повикуваат или врбуваат лица за учество во овие формации. Со закон ќе биде казниво помагањето и обидот за овие дела.
Јанкулоска потенцираше дека во законот нема да бидат опфатени лица кои имаат државјанство од тие земји или лица кои учествуваат во меѓународно признати мисии.
Радикален ислам во Македонија
Пред неколку години и Зимер Салихи,имам од косовско-албанската џамија во Лондон,издаде коминике со кое предупреди на ширење на радикален ислам кај муслиманитеАлбанци. Тој нагласи дека состојбата е критична и во Македонија. Алармантен беше и самиот факт што и Исламската верска заедница призна дека во земјава има радикални исламски групи. Се појавија и шпекулации дека се проповедала радикална идеологија во скопските џамии – „Иса-бег“, „Султан Мурат“ и „Хатунџук“, кои подолго време не биле под контрола на ИВЗ.
Осум македонски државјани загинаа во Сирија, а последните информации говорат дека меѓу уапсените во Косово има и муџахедин од земјава. Македонија не располага со конкретна бројка на лица што заминале во борбите во Сирија, во Ирак, колку од нив се вратени, а колкумина останале.
– Податоците што ги имаме не се официјални бидејќи лицата што размислуваат или решаваат да заминат таму не го пријавуваат тоа. Располагаме само со оперативни сознанија и информации до кои доаѓаме ние или пријателските служби. Минатите години имавме случаи кога македонски државјани заминуваа на боиштата, но, според нашите сознанија, тоа, главно, беа лица што се иселеници од земјава, регрутирани во поголемите центри низ Европа. Последниот период ситуацијата се измени, односно македонските државјани се регрутираат во центри во регионот, што говори за сериозноста и за распространетоста на таа појава. Доколку се земат предвид сите трауми што ги остава војната, радикалната индоктринација и проблемите за враќање во нормалниот живот, не треба многу за да се заклучи дека секое лице што се вратило од боиште претставува потенцијална закана за безбедноста. Затоа е во процедура изработување закон со кој би се санкционирало учеството на македонски државјани во такви конфликти – изјави министерката Гордана Јанкуловска.
Македонија не е под директна закана на исламистичките радикали. Во Македонија не постојат центри за обука на лица што би заминале во Сирија, ниту, пак, постојат центри за регрутација. Македонците што заминуваат таму, главно, се регрутирани во центри во западноевропските земји. Тие македонски државјани што загинаа во Сирија, главно, се регрутирани во западноевропски земји во кои живееле.
– Се претпоставувадека има и други лица со македонско државјанство што се борат во овие две земји. Секој што учествува во овие судири може да се третира како закана по безбедноста на државата и на нејзините граѓани. Во Македонија нема ниту регрутни центри ниту центри за обука. Ние ја следиме состојбата и разменуваме информации со пријателските служби– велат од МВР.
„Република“ се обиде да добие официјален став од Исламската верска заедница за донесувањето одредба, која предвидува санкции за тие што самоиницијативно се вклучуваат во воени конфликти во други земји. До затворање на неделникот не добивме одговор.
(Пишува: Билјана Зафирова
Текст објавен во 102. број на неделникот „Република“, 15.08.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Нов закон во Франција: Казна три години затвор и 45.000 евра за секој политичар што ќе си вработи член на семејството
-
Измени во Законот за минимална плата
-
Данев: Изборен закон не се носи без консултации со опозицијата
-
Измени во Законот за работни односи: Новини во договорот за вработување, годишниот одмор на работниците, испратнината…