Акцијата на косовските безбедносни сили за разбивање на доброорганизирана терористичка мрежа покажува дека опасни радикални структури навлегуваат сѐ подлабоко во порите на општеството преку верските институции не само во Македонија, туку и во регионот, а албанските политичари и интелектуалци, на чело со муслиманските верски лидери, сѐ уште ги држат главите закопани во песок.
Слободоумните Албанци-интелектуалци на Косово, по акцијата за апсење голема група приврзаници на озлогласените терористички организации ИСИЛ и Ал Каеда, сосема издржано прашуваат дали тие структури паднаа од небо и кој ги заштитувал досега. Тие не само што не се задоволуваат со 40 уапсени терористи (!), туку бараат од тамошните власти целосно разобличување на овие фундаменталистички мрежи и откривање на нивните јатаци. Фактот дека меѓу уапсените имало и македонски државјанин уште еднаш потврдува дека и Македонија не е „имуна“ на овој „канцер“, кој е сериозна закана за општеството. Но, за разлика од косовските, Албанците во земјава не само што ги премолчуваат заканите од вгнездувањето на овие структури меѓу локалното муслиманско население туку и сѐ почесто се ставаат во одбрана на екстремизмот напаѓајќи ги државните институции и загрозувајќи го соживотот.
Засега, радикалните исламисти во Македонија единствено постојат само кога се мртви. Односно, албанската заедница ги спомнува само кога ќе стигне вест за некој што загинал на боиштата во Сирија борејќи се под знамето на муџахедините. Досега не сме слушнале Исламската верска заедница или, пак, некој од верските лидери да излезе со јасен и храбар став со кој ќе го осуди таквиот начин на практикување на исламот, ќе се дистанцира од радикализмот и ќе побара од државните институции да ги ослободат верските објекти од насилниците и да ги заштитат од тие структури прво вистинските муслимански верници, а потоа и останатите граѓани во земјава. Тенденциите и случувањата не смеат да ги премолчуваат ниту креаторите на јавното мислење во албанската заедница (политичарите, новинарите, аналитичарите, научните работници и академиците), кои, исто така, имаат голема улога при заштитата на традиционалниот ислам. Верските лидери и сите споменати фактори што ги премолчуваат ѕверствата што ги прават овие терористички групи во името на Алах(?), не само што не се грижат за кредибилитет на верата и за вистинските верници туку и го жртвуваат меѓуетничкиот соживот кој традиционално одлично опстојувал со векови. Токму поради тоа, албанската заедница е должна силно да ги осуди овие радикални структури не само во Македонија, туку и во Косово и во Албанија, и да поддржи институционално решавање на проблемот. Волјата и одлучноста за ставање граница меѓу радикалните исламисти и останатите муслимански верници можат да ја покажат на неколку начини. Наместо да се борат против фундаментализмот со лицемерство, тоа може да го направат преку силно и недвосмислено оградување од радикалните исламисти, жестоко осудување на варварствата што ги прават врз цивилното население низ светот и поддржување на законот со кој ќе се забрани учеството на македонски државјани во странски војни. Во спротивно, токму умерените ќе бидат првите и најголеми жртви во внатреисламскиот конфликт до кој ќе мора да дојде ако продолжат трендовите што тргнуваат од Блискиот Исток и преку „Зелената трансверзала“ стануваат дел од домашната политика и живот.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст