Уште пред две години, влезот на странската инвестиција во градежништвото, изградбата на облакодери и трговски центар во скопски Аеродром од страна на турската компанија Џеваир Холдинг, го најави продолжението на градежната експанзија во главниот град во следните две години. Се проценува дека инвестицијата ќе вреди близу 300 милиони евра, а ако се земе предвид податокот дека лани толку пари чинеше вредноста на сите изградени станбени објекти, станува јасно дека годинава во градежништвото ќе се свртат многу повеќе пари од лани.
Бројот на издадени градежни дозволи продолжува да расте, а градежните компании се уште се оптимистички настроени за изградба на нови станбени комплекси. Тоа јасно укажува на фактот дека градежништвото е главниот двигател на економијата.
Прогнозите на агенциите за недвижности се дека во Македонија и годинава ќе продолжи трендот на изградба на резиденцијални станбени комплекси, значително ќе се зголеми понудата на деловен простор, граѓаните ќе бараат сè поквалитетни станови, но нема да има некоја голема промена на цените на недвижностите.
Лилјана Ковачева, претседателка на Здружението на агенции за недвижности, неодамна изјави дека во моментов цените на становите се стабилизираат и во иднина не се очекува натамошно намалување, ниту, пак, зголемување.
-Сега може да се каже дека Скопје има евтини станови но никако не може да се каже дека се најевтини во регионот затоа што во Бугарија на пример може да купите неверојатно евтини недвижности. Иста е ситуацијата и во Грција каде што, буквално, на море може да купите стан по цена од 1.000 евра за квадратен метар – вели Ковачева.
Освен станови, во Македонија се градат и патишта
Градежништвото оствари историски највисока стапка на раст од 33 проценти лани, пред сè како резултат на зголемените јавни инвестиции финансирани од буџетот. Тоа овозможи реализација на стотици капитални проекти, но и создаде работа за домашните фирми од градежништвото, индустријата и услужните дејности.
Во исто време се работи на изградба на три делници. Се градат Демир Капија – Гевгелија во должина од 28,2 километри со вкупна вредност од 210 милиони евра, Миладиновци (Скопје) – Штип, со должина од 47 километри и вредност од над 370 милиони евра, како и автопатот Кичево-Охрид, чијашто вредност е 206 милиони евра.
Коридорот 10 е крвоток на македонската економија и затоа проектите за модернизација на инфраструктурата се приоритетни, нагласи неодамна вицепремиерот Ставрески.
-Се наоѓаме во екот на едeн инвестициски циклус, кој вкупно надминува една милијарда евра од кои 790 милиони евра се само зa трите главни автопатишта тоа се завршување на автопатот Демир Kапија – Смоквица од Коридор 10 како и двата други од Миладиновци до Штип и Кичево до Охрид – нагласи вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Марин продолжува со градежни активности кај Мајчин дом, предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за мораториум одбиен
-
Цените на становите нема да се зголемат, ама нема ни да се намалат
-
Облаци прав се креваат од градилиштето во Острово, каде следно ќе се гради?
-
Сугарески: Следниот месец оглас за распределба на 79 социјални станови