Проектот ќе биде реализиран во соработка со Министерството за образование и наука, Агенцијата за поддршка на претприемништвото, Бизнис старт ап центарот и стопанските комори, преку цела низа на активности кои ќе им овозможат на студентите и младите претприемачи да се здобијат со поголеми знаења за тоа што значи да се биде претприемач и да се започне сопствен бизнис.
– Целта е со овој проект да создадеме силна врска меѓу бизнисот и образованието, која е неопходна за успешно отпочнување на нови бизниси и за зголемување на бројот на нови и иновативни претпријатија, за да го намалиме притисокот за вработување, присутен во актуелниот бизнис амбиент- рече министерот Сарачини на денешната прес-конференција.
Загрижува, нагласи, состојбата на зголемување на бројот на млади невработени, која би можела во голема мерка да биде олеснета доколку бизнисот и образовниот систем работат заеднички во подготвувањето на граѓаните и општеството за работните предизвици кои ги носи иднината.
– Неделава го објавивме јавниот повик до сите студенти и млади претприемачи, за да аплицираат со идеи кои ќе бидат евалуирани од страна на посебна комисија, при што оние студенти на кои идеите ќе бидат избрани, ќе поминат низ обука составена од 13 модули, со цел да бидат адекватно оспособени за преточување на нивните идеи во бизнис план, а после обуката, студентите ќе бидат повикани да конкурираат со нивните бизнис планови, кои ќе бидат предмет на евалуација од страна на комисијата за евалуација- инфомираше министерот Сарачини.
Целиот проектен циклус се планира да заврши со избор на три најдобри бизнис плана, а победниците ќе се презентираат на свечена церемонија во рамките на кој ќе им се доделат плакети и ваучери, со кои ќе се обезбеди техничка и финансиска помош за основање на компанија.
– Морам да споменам дека покрај трите ваучери во износ од по 10.000 денари, успеавме да го зголемиме и фондот за наградите, при што, првонаградениот ќе освои 330.000 денари, второнаградениот 230.000 денари и третонаградениот 140.000 денари, посочи Сарачини.
Повикот и условите за учество во натпреварот се достапни за сите заинтересирани на порталот Конкурентност.МК, кој неодамна беше промовиран.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.