Претседателот на Исламската верска заедница во Македонија, реис-ул-улема ефенди Сулејман Реџепи, тврди дека Албанците, муслиманските верници од Македонија и пошироко од регионот се злоупотребуваат во врска со војната во Сирија и во Ирак и оценува дека е грешка мислењето дека оние Албанци што гинат во овие војни ќе станат херои или шехиди.
– Таму се води една крвава братоубиствена војна и не може да се оправда учеството на Албанците во овие конфликти. Луѓето с` уште не сфатиле што значи да се брани татковината. Има една изрека на пророкот Мухамед – да се сака својата вера и татковина е дел од обврските на секој муслиман верник. Но, тука не станува збор дали некој доброволно се вклучил во воен конфликт со цел одбрана на татковината или верата и доколку загине на овој фронт, ќе се смета за шехид. Тоа е голема грешка. Јас многупати сум реагирал и сум им ставал забелешка на оние што ги поттикнуваат младите да заминат. Не може да биде херој (шехид) еден човек кој заминал од овде во цивилна војна меѓу власта и опозицијата – изјавил Реџепи додавајќи дека организациите што се борат во Сирија и во Ирак, како ИСИЛ, немаат никаква врска со исламот, туку се целосно терористички.
Реџепи за Гласот на Америка на албански јазик не ја отфрла можноста поттикнувачите на лицата што одат да војуваат дека ги има и во џамиите во Македонија. Тој признава дека две џамии во Скопје не се под целосна контрола на ИВЗ.
– Можно е. Но, ние со максимални залагања имаме создадено една позиција: ниту еден имам не може да биде во наша џамија доколку не потпише изјава во која стои дека во пракса, во неговото дејствување не се оддалечува од законското училиште „Ханифије“ и кога во мигот ќе се оддалечи од изворната, автохтона, традиционална интерпретација, тогаш ИВЗ слободно може да н` оддалечи од ангажираноста како имами во џамиите. Сепак, имаме само еден проблем што не можеме да го скриеме. Тоа се џамиите „Јахја-паша“ и „Тутунсези“. Во овие две џамии, иако вработените, имамите и нивните помошници се наши луѓе, првиот човек не е наш, туку е наметнат. И покрај тоа, ние сме слободни и не може да ни го забрани влезот, но немаме целосна контрола во овие две џамии. Сме барале од компетентните владини органи да ни помогнат почитувајќи го законот, но тие не ја извршија својата работа, затоа доколку нешто се случи во Јахја-пашината џамија и во „Тутунзес“, за нас, тоа ќе се случи во МВР, а не во нашите објекти – нагласил Реџепи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.