Израелската безбедносна служба Шин Бет соопшти денеска дека спречила обид на Хамас за напад на Западниот Брег, при што уапсила повеќе од 90 припадници на исламистичката организација.
Тие наводно подготвувале заговор за напад врз евреи, како и за преземање на контролата над Западниот Брег од палестинскиот претседател Махмуд Абас, кој е лидер на ривалското секуларно движење Фатах.
Во операцијата се конфискувани оружје и повеќе од 170 илјади долари. Заговорот го организирал висок функционер на Хамас кој живее во Турција.
Израелските медиуми пренесуваат дека споменатите членови на Хамас се апсени од мај поради вмешаност во таа мрежа и дека 46 се одведени на сослушување.
Лидер на мрежата бил Риад Насер (38) од Деир Кадис, крај Рамала, кој претходно отслужувал затворска казна во Израел поради активностите во Хамас, а повторно е уапсен кон крајот на минатата година, но не беше изведен пред суд.
Тој во текот на истрагата изјавил дека е регрутиран повторно во 2010 година за да ја формира воената инфраструктура на Хамас на Западниот Брег. Насер го регрутирал Салех Арури, кој 16 години бил во израелски затвор, а потоа е депортиран и во моментов живее во Турција.
Шин Бет наведува дека задачата на Насер била да ја поткопа стабилноста на Западниот Брег и дури и да предизвика трета интифада, палестинско востание против Израел. Поради тоа тој формирал ограноци во градовите ширум Западниот Брег, а и во Ерусалим, при што претежно се регрутирани хемичари и инженери.
Мрежата имала и огранок во Јордан, кој исто така бил предводен од поранешен затвореник во Израел. Членовите на мрежата се уапсени пред да можат да ги извршат нападите, изјави висок претставник на Шин Бет.
Хамас засега не даде коментар за оваа информација. Оваа организација ја презеде контролата врз Појасот Газа, кон средината на 2007 година, победувајќи ги силите лојални на Абас.
Хамас, заедно со другите палестински фракции во моментов во Каиро преговара со Израел за прекин на огнот, со што официјално би се ставил крај на едномесечниот судир во Газа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


