| четврток, 6 декември 2018 |

„Браќа Манаки“ ја донесува иднината на филмот

Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ најавува дека годинава програмата „Нови визии“ шеста година по ред ја донесува иднината на филмот, претрпувајќи одредени концепциски и програмски измени. По секој проектиран филм присутните во салата ќе учестваат во отворена дискусија која е иницирана од темата и од гостите од филмот, а под модераторство на Ѓорѓи Пулевски, еден од основачите на дебатното кино „Контракадар“, во кое членуваат филмски ентузијасти и активисти од Битола.

Во изминатите година и пол „Контракадар“ со своите филмски проекции и дебатни вечери го обележа културниот живот во градот на браќата Манаки, со што се наметнаа како инспирација во програмата „Нови визии“, чија основна цел е да го отвори фестивалот кон што повеќе млади луѓе и да ги претстави „новите визии“ од светот на филмот.

„Програмата нуди посебна свежина, без која Фестивалот Манаки не би бил истиот. Нешто повеќе од половина деценија како што оваа програма храбро презентира мултислојни предизвици на кои не можеме да останеме рамнодушни. Преку филмовите од Нови визии се отвораат критични теми и табу прашања, кои нè тераат колективно, а и индивудално да се преиспитаме длабоко во себе за да ги поместиме своите граници. И по форма и по содржина, програмата годинава е фрагмент од несекојдневната и неконвенционалната матрица на филмови, кои нудат вистинско визуелно и интелектуално искуство“, вели Пулевски.

За да има доволно време да се отворат што е можно повеќе аспекти во разговорите, оваа година Фестивалот претставува пет исклучителни, наградувани филмови и, како особена реткост, ќе има гости од речиси секој од насловите.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top