Мадона – дива, која од своите почетоци па до денес, ги руши трендовите и поставува нови тенденции, а со тоа стана и муза на дузина стилисти и дизајнери денеска го прославува 56-от роденден.
„Чаша полна талент, во море полно со амбиции“, вака пред неколку година ја окарактеризира Мадона, славниот Мик Џегер. Над 12 издадени албуми, 22 снимени филма, безброј освоени награди и признанија, и империја која ќе ја надвладее и нејзината триесет годишна кариера, таа – Мадона сè уште важи за поп кралица, и според анкетата на магазинот Roliing Stone, уште долги години никој нема да и го земе престолот и круната.
Тајната на успехот е во постојаното вложување во себе и маркетингот кој таа сама си го направи, доживувајќи се како бренд, на кој треба напорно да се работи, ако сака да успее. Дозата на харизма во комбинација со најдобрите стилисти, костимографи и дизајнери, го даваат конечниот производ – поп икона на која времето и годините не и можат ништо. „Првата верзија„ на Мадона датира од 1980-тите, со хитовите „Everybody“ и „Like a virgin“, кога во фокус беше спортската долна облека, голиот папок, ретро облека, ракавици од танетла, хеланки и многу алки и крстови.
Во времето на Ем-Ти-Ви, Мадона е свесна колку е моќен визуелниот момент, па затоа своето јавно појавување им го доверува на две филмски костимографки, и заедно ги градат идните модни инсталации. Првата е Марлен Стујарт, која се потпишува на неколку незаборавни аутфити, како шокантниот розов фустан, инспириран од Мерилин Монро за снимањето на спотот „Материјална девојка“. Другата е Аријана Филипс, која е нејзина стилистка од 1997 година и изврши големо влијание врз најзрелите моменти во развојот на нејзината кариера, како што е нејзиниот изглед во спотот „Ray of ligh“t и девојката борец во „American life“. Иновативниот микс на музика и мода која мошне умешно ги балансираше Филипс и овозможи соработка со 36 модни дизајнерски имиња истовремено за потребите на турнејата Sticky&Sweet Tour на Мадона во 2008 година. Меѓу најпознатите се најдоа имињата на Живанши, Кавали, Миу Миу и други.
Многумина го прекоруваа стилот на Мадона, велејќи дека има брендирана облека на која и недостига креативност. На ваквите провокации Филипс одговара дека помеѓу стилистот и дизајнерот има големи разлики. Стилистот е тој кој го моли дизајнерот да му го позајми своето парче облека, а потоа на сцена стапува фантазијата на стилистот за на некој начин да го приспособи тој модел на самата личност која ќе го носи, според Филипс се работи за взаемна уметничка размена која изобилува со креативни елементи. Така, воспоставува долга соработка со неприкосновеното дуо Долче и Габана, која започнува во 1993 со промоција на парчиња долна облека за Girlie Show Tour, модели кои подоцна ќе бидат аплицирани на ликот за cowgirl во видеото за песната „Music“.
Мадона мошне често ги бира модните парчиња на ова неверојатно дуо, почнувајќи од маичките кои беа специјално за неа дизајнирани во рамки на колекцијата за пролет-лето 2001, па се до порно шик стилот за есен-зима 2008. За колекциите во 2010, Мадона зема учество во две рекламни кампањи на Стивен Клејн, кој сакаше да го прикаже амбиентот и развојот на нео-реализмот во Сицилија, преку дизајните на Долче и Габана и секако поп кралицата во главната улога.
Не само што е долгогодишна пријателка на семејството Медуза таа е и инспиративна нота за најдобриот меѓу најдобрите, Версаче, за кого има снимено две рекламни кампањи и тоа една во 1995 и другата во 2005 година. Но Мадона тука не застанува, таа својот лик го позајмува и во рекламната кампања на Луј Виотн во за пролет-лето 2009 година и есен-зима 2010 година. Славната пејачка позира и за Gap во 2003 година , за брендот H & M во 2006 година, а во 2007 година ја лансира својата сопствена линија насловена „М by Мadonna“ и конечно позира за својот бренд.
Водена од нескротливата пасија за мода на својата ќерка Лурдес, Мадона во 2010 година ја промовира линијата насловена „Materijal Girl“ која е наменета за тинејџери, и во продажба може да се најде само во Macy’s. Иако ја надминува 50-тата година од животот, се чини дека на Мадона годините ништо не и можат. Таа се носи рамо до рамо со своите помлади колешки кои, како велат критичарите, и милион години да опстојуваат на сцената нема да го надминат богатиот опус на модни трансформации и професионални ангажмани кои ги има оваа поп икона.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.