| четврток, 6 декември 2018 |

Наместо да играат насилни видео игри, децата ги одвел во Сирија

Шведскиот новинар и универзитетски професор Карл Магну Хелгегрен одлучил на несекојдневен начин своите два сина, Лео (11) и Франк (10) да ги научи што всушност значи војна и какви ужаси предизвикува оружјето.

Имено синовите го прашале дали може да им ја купи играта „Кол оф дјути“, која Хелгегрен ја смета за исклучително насилна, а станал и загрижен поради фактот дека на неговите синови очигледно не им е јасно што е војна и каков пустош таа остава зад себе. На синовите им го предложил следното, доколку се согласат со него да го посетат Израел и окупираните делови од Сирија, ќе им ја купи секоја игра, што ќе ја посакаат.

Идејата била да им пружи единствено искуство и да им овозможи да поразговараат со луѓето, кои ќе можат да им ги појаснат ужасите на војната. Неговата поранешна сопруга не била сигурна дека тоа е паметна идеја, но на крајот и таа се согласила да учестува во нивната авантура.

– Кога и кажав што планирам, првото прашање беше дали тоа е безбедно. Меѓутоа се согласи да дојде со нас, за да биде со децата. Сакав да им покажам што се случува кога пушките и бомбите ќе стивнат. Луѓето погодени со војна се нечии таткоци, браќа, сестри и мајки, изјави новинарот за „Мејлонлајн“.

Семејството во Израел стигна токму во времето кога почнаа судирите, а Хелгегрен кои и претходно работел како репортер од подрачја зафатени со војна, добро знаел како патот да го направи уште побезбеден.

Синовите ги запознал со израелските семејства, ги одвел во бегалскиот камп Шуафат, а лекарите во кампот им појасниле како им е на децата, кои живеат таму.

– Им зборуваа за три момчиња, кои завршиле во инвалидски колички, откако со гумени куршуми биле погодени во кичмата. Им кажаа кратко и јасно дека за нив повеќе нема фудбал. Тоа не го гледате во видеоигрите, но оружјето се користи и за вакви работи. Тое е вперено во деца на ваши години, изјави тој.

– Не ми се допаѓа тоа што оружјето го претвораме во нешто нормално. Не верувам во свет без оружје, но зошто децата мора да ги изложуваме на оружје и насилство неколку часа на ден, прашува Хелгегрен.

По враќањето во Шведска го пречекаа критиките на оние кои сметаат дека овие воспитни мерки се прегруби.

– Ова се мои деца и го правам тоа што сметам дека е најдобро за нив. Престанете да бидете наивни. Бевме таму во април кога ситуацијата не беше тензична како денес и никогаш не ги доведов во опасност. Луѓето кои никогаш не биле мислат дека таму постојано се пука. Не е така, појасни тој.

И на крајот треба да се нагласи дека синовите се предомислиле во врска со „Кол оф дјути“ и одлучиле дека тоа не е за нив.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top