
Во рамките на проектите реализирани од страна на Министерството за надворешни работи, е и Летниот камп – 2014 “Ја сакам Македонија”.
Истиот веќе петти ден се одржува во хотелот “Десарет” во Охрид, за вкупно 100 деца од Заедниците на Македонците од соседните држави на Република Македонија, од балканските земји и дијаспората.
Во склоп на истиот, професори од Универзитетот “Гоце Делчев” Штип работат со децата на унапредувањето на нивните познавања за литературниот македонски јазик и култура. Дополнително, во предавањата за македонската историја се вклучија и научни соработници од Институтот за национална историја во Скопје.
За состојбата околу изучувањето на македонскиот јазик и воопшто почитувањето на човековите права на Македонците во соседните држави, зборуваа воспитувачите на децата – учесници од соодветните земји.
Активностите на летниот камп ќе финализираат со квиз натпревар, турнир во мал фудбал и завршна приредба на која учесниците – ученици ќе се претстават со свои точки од областа на културата.
Исто така, децата – учесници во рамки на програмата на Летниот камп имаа можност да присуствуваат на натпреварите од ракометниот турнир Струга 2014, каде ги запознаа македонските ракометни репрезентативци, а во културниот и забавниот дел се дружеа и со македонската музичка ѕвезда Даниел Кајмакоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.






