| четврток, 6 декември 2018 |

„Македокс“ тргнува на патувачко кино

makedox

Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ тргнува на Патувачкото кино, кое годинава ќе се одвива во Демирхисарскиот регион.

– Таму се извива највисокото гратче на Балканот, кое го воодушевило и Корбизје со својата архитектура. Бабиното милениче со 12 маала, град-востаник, центар напрвата независна република на Балканот. Таму е извориштето на големи поетски и прозни умови. Таму се слави пирејот на единствениот Петре М. Андреевски. Таму извори жуборат на секој чекор, таму високо вирее тартуфот. Таму е родниот крај и вечното почивалиште на едночудо македонски револуционери. Таму се наоѓа и едно мијачко село, некогаш надалеку познато по смилевските ѕидари. Таму се донела одлуката за кревање на историското Илинденско востание. Таму историјата ја чуваат безброј археолошки наоѓалишта и споменици на НОБ. Таму тече најголемата десна притока на Вардар, таму шумат букови и дабови шуми. Таму се наоѓа најголемата приватна библиотека во Македонија. Таму и ден-денес се произведува ќумур на традиционален начин. Од турско ја викаат Железна планина зашто е богата со железна руда. Или по нашки, Демир Хисар. Ете таму патува нашето патувачко магаренце годинава – велат од „Македокс“.

Од 17 до 28 август карванот на „Македокс“ ќе овозможи синеастичко доживување во осум демирхисарски села. Патувачкото кино е старо колку и фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ и веќе петта година со своето патувачко магаренце ги посетува подзаборавените, а восхитувачки убави региони во Македонија. Целта на Патувачкото кино е непосредно да влијае во процесот на децентрализација на културата во државата и да овозможи кинопроекции во мали и рурални места, кадешто жителите немале можност за синеастичко доживување повеќе од 40 години.

Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ и Патувачкото кино се поддржани од Националната фондација за демократија од Вашингтон, Амбасадите на САД, Холандија и на Шпанија во Скопје, Министерството за култура на РМ и Агенцијата за филм на РМ, Градот Скопје и Канцеларијата на ЕУ во Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top