Досега не е направена супер анализа на производот вакумиран свински врат земен од продавница во Гевгелија каде во ист производ беше најдена бактеријата листерија.
Институтот за јавно здравје ги демантира информациите објавени во одредени медиуми дека наводно е извршена супер анализа на мострите земени од производството на „Екстра Меин,“ кои се повлечени од прометот.
На денешниот состанок на Комисијата за заразни болести е заклучено дека суперанализа сѐ уште не е направена, затоа што примерокот за суперанализа се чува запечатен во ЦЈЗ- Велес. Тоа е примерок којшто е земен во исто време и од исто место со примерокот во којшто е утврдена листерија. Според информации на zdravstvo24 супер анализата најверојатно ќе биде направена во меѓународна лабораторија во странство.
Институтот во целост ги демантира изјавите на поединци дека е извршена суперанализа, со што јавноста се доведува во заблуда. Наодот на којшто тие се повикуваат се базира врз анализа на примероци од повлечени лотови од промет.
ИЈЗ напоменува дека официјалниот примерок за суперанализа ќе се анализира во меѓународен референтен центар, чие име нема да биде објавено заради избегнување на евентуални притисоци и добивање објективен резултат.
Изворот на листеријата останува непознат. Наместо координирана акција, надлежните институции цел ден преку соопштенија си ја префрлаа топката меѓу себе и создадоа комплетна конфузија околу првичните анализи, така што и натаму нема одговор на прашањето од каде потекнува опасната бактерија и колкав е ризикот од нови случаи на заболени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.