Фотографијата на која седумгодишниот син на еден од најбараните терористи од Австралија, Калед Шаруф, држи отсечена глава на сириски војник го потресе светот, пишуваат странските медиуми.
Фотографијата била објавена на „Твитер“ со наслов „Тоа е мојот син“, а предизвикала осуда од јавноста и од политичарите откако била објавена во весникот „Д Аустралиан“.
Шаруф објавил и друга фотографија на која тој самиот е сликан како ја држи истата глава на сирискиот војник и ја насловил „Каква глава“.
Тони Абот, премиер на Австралија, изјавил дека фотографиите од синот на австралискиот терорист Калед Шаруф се „грозни“ и „варварски“, пишува Џеред Овенс за „Д Аустралиан“.
– Има уште фотографии во новините во Австралија денес, кои укажуваат на страшните злосторства кои таа група е подготвена да ги направи – рекол Абот за „Еј-Би-Cи радио“. Исламската држава не е само терористичка група, тоа е терористичка војска и бара повеќе од терористичка енклава, бара терористичка држава и терористичка нација, предупредил тој, додавајќи дека тоа не е проблем само за луѓето од Блискиот Исток, туку и за целиот свет и истакнувајќи дека расте бројот на докази кои сведочат за бруталноста на тој ентитет.
Американскиот министер за одбрана, Чак Хејгел, рекол дека фотографијата ја докажува сериозноста на заканите на ИСИЛ кон Западот.
– ИСИЛ е закана за цивилизираниот свет и американските интереси, но и за Европа и Австралија – изјавил Хејгел.
На уште една објавена фотографија, пак, се гледа Калед Шаруф како позира заедно со своите три сина кои држат автоматски пушки во рацете.
Осуди за практиката на милитантите доаѓаат од различни правци. Додека дел од критичарите предупредуваат дека се праќа „погрешна слика“ за исламот, дел предупредуваат на опасноста од нечовечката употреба на децата во судирите, и негативните последици и трауми кои ги имаат децата од таквите искуства.
Голем број австралиски муслимански заедници се оградиле од фотографијата и тоа што го симболизира таа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.






