| четврток, 6 декември 2018 |

„Катанците на љубовта“ предизвикуваат проблеми во Париз

Оградата на Мостот на уметноста беше прва која попушти под тежината на катанците на љубовта во Париз, но тие и натаму се многу популарни кај странските туристи, што ја наведе париската градоначалничка да задолжи еден од своите
помошници да најде трајно решение за феноменот.

Како што јави дописникот на МИА, техничките служби на градот редовно ги проверуваат оградите на мостот и ги заменуваат кога постојат ризици да паднат под тежината на катанците.

Истовремено, се проучува можноста да се заменат постојните огради со огради на кои не ќе биде можно да се закачи ништо. Но, претходно градот Париз треба да го убеди архитекот за заштита на културно-историските споменици за промена на оградата бидејќи мостовите се класирани како архитектонско-култруно наследство.

Наместо катанци, од општината предлагаат да се прават  фотографии, кои би биле објавувани на Твитер со објаснување „љубов без катанци“. Засега не се размислува да се премине во репресија и казнување на вљубените и така Париз е град на љубовта, останува да се види дали вљубените ќе преминат со нивните пораки на интернет.

Инаку, пешачкиот Мост на уметноста се наоѓа наспроти Лувр и од него се добива една од најубавите глетки на Париз, па не е ни чудно што вљубените откако ќе го заклучат катанецот на оградата, клучот го фрлаат во Сена. Во очекување на решението, бројни љубовни двојки сѐ уште ги заклучуваат катанците, без да водат сметка дека овие мали или големи катанци ги оштетуваат париските споменици. Секој од нив смета дека нивниот катанец нема да го урне мостот.

На туристите, пред сѐ, им пречи тоа што немаат место каде да го закачат нивниот катанец. До таа мерка што катанците почнуваат да се шират и на другите мостови на Сена, најупорните најдоа средство да ги закачат и на дрвените штици ставени да ги заменат оштетените огради, а вашиот известувач забележи дури и на заштитените мрежи на Ајфеловата кула.

Додека градот се труди да најде решение за катанците, продавачите на сувенири ги тријат рацете, покрај традиционалните париски сувенири, тие сега продаваат и катанци.

Според некои слободни проценк, на оградата на Мостот на уметноста биле закачени околу 54 тони катанци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top