Американскиот гигант „ЕксонМобил“ (ExxonMobil) започна во саботата со црпење нафта во руската област од Арктикот, и покрај западните санкции наметнати на неговиот руски партнер „Роснефт“, а рускиот претседател Владимир Путин истакна дека тоа е добар пример за соработка.
Иако американските санкции наметнати против Русија поради нејзината наводна улога во украинската криза не се директно насочени на заедничките проекти на руските и американските компании кои се во тек, нивната цел е „Роснефт“ да биде финансиски исцрпен преку оневозможување да продава нафта за долари и да му се оневозможи пристап до модерната технологија.
– Денес комерцијалните успеси ги води ефикасната меѓународна соработка“, изјави рускиот претседател Владимир Путин, обраќајќи им се на директорот на „Роснефт“, Игор Сечин, кој и самиот е на „црната листа“ на САД и ЕУ, и на Глен Волер, челниот менаџер на „ExxonMobil“ обраќајќи им се преку видеоконференција од претседателската црноморска летна резиденција во Сочи при отпочнувањето на работа на платформата „Вест Алфа“ (West Alpha) во Карското Море.
„Деловната соработка, којашто ги вклучува руските и странските компании, совршено покажува дека и покрај некои сегашни политички тешкотии, прагматизмот и разумот надвладеаја и тоа ние е мило да го слушнеме“, додаде Путин.
Волер од своја страна посочи дека неговата компанија сака да соработува со Русија. „Нашата соработка е долгорочна“, истакна додавајќи дека „ExxonMobil“ гледа голема повеќекратна полза од оваа соработка.
САД и Европската унија воведоа остри санкции за лица и компании од Русија, од замрзнување активи и забрана за патувања за деловни луѓе и функционери блиски до претседателот Путин, како и насочени секторски санкции кои на руските компании треба да им оневозможат пристап до западните финансиски пазар, пристап до технологии итн.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




