| четврток, 6 декември 2018 |

Бакрачески апелира да не го уништуваме сами туризмот (ВИДЕО)

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, на денешната прес-конференција изрази загриженост од некои негативни медиумски написи за туристичката сезона во Охрид, кои смета дека му нанесуваат штета на туризмот бидејќи медиумите имаат силно влијание врз изборот на туристичка дестинација за одмор.

bakraceski

Бакрачески апелира за еден коректен и избалансиран пристап во известувањето за градот Охрид.

– Балансираните и коректни критики не учат да ги поправиме грешките и недостатоци, кои секако дека ги има, но, од друга страна, да не се потценува и културното богатство и природните убавни на Охрид – истакна охридскиот градоначалник.

Тој смета дека малку се посветува внимание на културните настани што се случуваат во Охрид вклучително и природните убавини и културното богатство.

– Цело лето не видовме афирмативен прилог со кој ќе се промовира туризмот во Охрид. Ретки се прилозите за културните настани како Охридско лето, Фестивалот на француски филм, Струшките вечери на поезијата кои дел се одржуваат во Охрид, Европското првенство за кадетки во ракомет и други, како и за природните убавини, охридскиот бисер, убаво уредените плажи и прироните убавини на Галичица – вели Бакрачески.

Според него, ако веќе се прават споредби во цените помеѓу Охрид и Грција, реално е дека цените се поевтини од 3 до 5 пати, но неговата цел не е да се стимулираат граѓаните да не го поминат одморот каде што сакаат и има разбирање за оние кои сакаат да го поминат одморот на друга дестинација.

Бакрачески напомена дека оваа година бројот на домашни туристи е намален, но затоа расте бројот на странски туристи кои доаѓаат во Охрид и има пораст од 6,5 отсто за разлика од ланската година и позитивно ја оценува туристичката сезона со надеж дека уште повеќе ќе се зголеми бројот на туристи.

Заменик-министерот за економија, Христијан Делев, истакна дека Владата и Министерството за економија работат посветено за развивање на туризмот на Охрид со разни програми и поддршка на културни настани. Тој посочи дека Владата планира и инфраструктирни проекти со цел Охрид да стане поатрактивна туристичка дестинација.

 


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top