
Турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган е уверен дека в недела ќе победи на првите директни претседателски избори во Турција, што би требало да му овозможи и натаму да доминира во политичкиот живот на земјата и да ги продолжи со промените.
Ердоган и неговата исламистичко-конзервативна Партија на правдата и развојот (АКП) раководат со земјата и 76-милионското население повеќе од десет години. Ако ја освои претседателсата функција, Ердоган би можел да ја има контролата врз власта уште два
петгодишни мандати.
Социолошките истражувања му даваат предност на Ердоган на изборите со подршка меѓу 51 и 55 проценти од гласовите. На крајот на кампањата, единственото неизвесно е дали исламистичко-конзервативниот 60-годишен премиер ќе биде победник уште во првиот круг или ќе биде неопходен втор круг на гласање по 14 дена.
Ако победи на изборите, Ердоган ќе оствари рекорд во долговечноста на политичкото владеење по Мустафа Кемал Ататурк – основачот на модерна и секуларна Турција, изградена на руините на Османлиската Империја.
Реџеп Тајип Ердоган, поранешниот градоначелник на Истанбул, сака да ја види својата легитимност засилена од народниот глас. И покрај тешкиот период во последните дванаесет месеци, кој започна со големите протести за негова смена во летото 2013 година, минатата зима следуваше и голем скандал за корупција која и него лично го погоди.
Неговите противкандидати – Екмеледин Исханоглу, поранешниот генерален секретар на Организацијата за исламска соработка (ОИК) и курдскиот пратеник Сељахудин Демирташ, според многу аналитичари, не се во состојба да ги надминат неговите амбиции во една
Турција која е се повеќе поделена откако тој дојде на власт во 2003 година.
Во своите предизборни говори, Ердоган ја обзнани својата намера да создаде „нова Турција во која ќе решава само народот“. Турскиот премиер никогаш не криел дека сака да го замени посточекиот парламентарен систем со полупретседателски, за да ја задржи контролата врз извршата власт.
Ердоган е харизматична личност со скромен изглед и продолжува да биде олицетворение на надежта на длабоко религиозните избирачи, кои според мислењето на набљудувачите, повеќе се заинтересирани за муслиманските правила, отколку за демократија – која за нив е синоним за безредие.
– Ердоган остана глув на барањата за повеќе слободи од страна на еден дел од населението и изгледа дека тој ќе остане таков и по неговиот избор за претседател, што може да ги продлабочи поделбите во општеството – коментира Дениз Зејрек, уредник во весникот
„Хуриет“.
Кандидатот, кој самиот успеа да ги освои сите избори во Турција од 2002 наваму, умее да игра на картата на религиозните чувства.
Офанзивата која ја изврши Израел на 8 јули против исламистичкото движење Хамас во Појасот Газа, ревносниот заштитник на палестинската кауза Ердоган, ја искористи за време на предизборната кампања.
– Израел врши геноцид врз невини граѓани – изјави со индигнација Ердоган, изедначувајќи ги методите на таа земја со оние на Хитлер, и со тоа ги заостри турско-израелските односи, кои и така се влошени во последните години.
Резулатот од надворешната политика на неговата АКП е обременет од состојбите во соседните држави на Турција кои се зафатени со конфликти. За време на целото раководење со земјата, неговата партија преку серија реформи ја врати во касарните армијата која некогаш имаше огромно влијание на политички план, и и даде можност на земјата да му се врати на економскиот раст за поголема корист за обичните граѓани.
Но, одмаздливиот карактер на премиерот ја изостри социјалната и културната поделеност меѓу конзервативните традиционалисти и прозападно ориентираните политички кругови.
– Судирот меѓу подржувачите и противниците на Ердоган повеќе е судир меѓу старата и новата буржоазија, отколкумеѓу религиозните и секуларно ориентираните и меѓу едно европеизирано население и население кое е приврзано кон традициите – смета француската
писателка Кениза Мурад.
Иднината на сегашниот умерен претседател Абдула Ѓул е несигурна. Многу членови на АКП, во која тој е еден од членовите, во иднина него го гледаат на чело на владата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Турски воен хеликоптер падна меѓу згради во Истанбул, загинаа четворица војници(видео)
-
Турција осуди 74 лица на доживотен затвор поради вмешаност во обидот за преврат
-
„Катимерини“: Три сценарија за парламентарните избори во Грција
-
Зелените партии со најголеми изборни победи во Западна Европа викендов


