Агенцијата за катастар од 1 јануари треба да почне активности за полнење на регистарот на цени на недвижностите во Македонија, со податоци за сите видови недвижности. Со тоа почнува првиот чекор за масовната проценка на недвижностите, која треба да понуди
преглед на вредноста, понудата и побарувачката на пазарот, пишува МИА.
Со измените на Законот за катастар на недвижности, што ги усвои минатиот месец републичкото Собрание, се дефинираат активностите за регистарот, а Катастарот и Нотарската комора ги договорија деталите за начинот и формата на доставувањето на
податоците за недвижностите при склучувањето на договорите за купопродажба.
За секој договор за купопродажба, лицето кое продава ќе мора да пополни формулар со кој подетално ќе ја опише недвижноста. Ќе треба да наведе дали има приклучок за струја, вода, канализација, гас, година на градба, година на реконструкција, материјалот на градбата. Сите тие карактеристики ќе бидат дел од регистарот на цени на недвижности.
Регистарот, според Катастарот, ќе биде јавен и до него ќе имаат пристап сите заинтресирани субјекти, а пред се ќе биде корисен за банките и проценителите. Со тоа треба да добијат доволно квалитетни податоци за нивната професионална работа. Крајната придобивка од целиот процес треба да биде изедначување на цената на недвижностите. Очекувањата на Катастарот се промена на сегашната состојба, со случаи кога при земање кредит проценителите ја проценуваат вредноста во еден износ, а кога доаѓа до извршна наплата тогаш цената на недвижноста е сосема друга. Граѓаните и инвеститорите, пак, ќе имаат точен преглед за цените при планови за закуп и купување.
Со воспоставувањето на регистарот на цените на недвижности се поставува основата за масовна проценка на недвижностите, операција што исто така треба да ја спроведе Агенцијата за катастар. Со масовната операција треба да бидат опфатени 800.000 објекти и
4 милиони парцели. Студијата што ја изготви Катастарот предвидува првин во регистарот да се соберат доволен број податоци. При процесот на масовната проценка, според најавите, ќе бидат ангажирани повеќе лица или вработени во Катастарот кои ќе посетуваат објекти. Ќе треба да утврдат и соберат што поголем број квалитетни податоци за по две години да може да се подготват цени за секој објект поединечно.
Со реализацијата на проектот Катастарот треба да функционира како берза на недвижности. Ќе утврдува индекс на вредноста на недвижностите на дневна, месечна и годишна основа. Активностите се реализираат во соработка со Светка банка, а се користат словенечки искуства. За масовната проценка на недвижностите во Словенија биле потребни три години, а македонскиот Катастар очекува масовната операција во Македонија да се спроведе за пократно време, поради обединетиот систем. По првата проценка ќе следат циклични, односно за секоја недвижност ќе се прави врши репроценка минимум еднаш годишно.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.