Во организација на Здружението на родители за грижа за здраво поколение во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и Општина Велес по 13. пат утрово 150 основци од Велес, заедно со уште 50 деца од селото Возарци, заминаа на Пелистер и од денеска до 11 август ќе престојуваат на воздушна рехабилитација на чист воздух на Пелистер.
Како што информира Иванка Андова, претседателка на ова здружение, децата веќе се пристигнати во Детското одморалиште на Пелистер, се сместиле и сите добро се чувствуваат.
Тие во наредните осум дена ќе престојуваат во првата смена на чист воздух заедно со своите другарчиња од кавадаречко Возарци, кои исто така се од загадена средина.
– Целта на оваа планинска рехабилитација е децата од Велес, каде што и покрај неработењето на топилницата последиците по здравјето сѐ уште се присутни, да престојуваат на чист воздух во Пелистер во што многу ќе се подобри нивното здравје – рече Андова.
Во втората смена, која почнува на 11 август, на Пелистер ќе престојуваат уште сто деца од Велес и уште по 30 деца од Осломеј, Кичевско и Миладиновци од Општина Илинден, а кој е во близина на рефинеријата „Окта“.
Инаку, за нивниот престој на планина на Пелистер, половина од цената за престој, односно 50 отсто, за сите деца ги обезбедува Министерството за животна средина и просторно планирање, а останатата половина во минимален износ од 3.300 денари ја плаќаат нивните родители.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.