Србија засилено се подготува за смртоносната ебола. Министерот за здравство на таа земја Златибор Лончар изјавил дека белградскиот и нишкиот аеродром ќе бидат под мерки на засилен надзор и дека од денеска ќе биде засилено присуството на граничната санитарна инспекција.
– Ќе ги преземеме сите потребни мерки за да се спречи појавата на оваа болест и нејзиното евентуално ширење во нашиот регион – изјавил српскиот министер и додал дека ќе се внимава и на патниот сообраќај.
Светската здравствена организација (СЗО) веќе им испратила препораки како да се однесуваат. Од јануари во светот досега се починати 730 лица, а 1.323 се заразани со ебола.
Тој додава дека со инспекторите на аеродромите е договорено секој патник за кој ќе се посомневаат дека ги има симпомите како зголемена телесна температура, пролив, болки во грлото, да се прати во карантин.
– Ако се сомневаме дека сите патници се заразени, има дополнителна просторија. Појавата на ебола би била голем проблем за нас, бидејќи за еболата нема лек – изјави Лончар.
Еболата е хеморагична треска за која нема лек, ниту вакцина, а меѓу луѓето се шири преку допир со телесните течности на заболениот, вклучувајќи ја и потта.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.